Kрива Паланка и Самбервил потпишаа Меморандум за соработка

Општина Крива Паланка и белгиската општина Самбервил потпишаа Меморандум за соработка, како прв чекор од постапката за збратимување  за која веќе е донесена одлука од Советот на Општината.

На свеченоста во Крива Паланка  присуствуваа г-ѓа Луси Грегоар, одговорна за програмата за збратимување и другите облици на соработка и г-ѓа Карин Даф, претставници на Самбервил, а од страна на нашата локална самоуправа меморандумот го потпиша градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Претставниците на двете општини истакнаа дека се надеваат на плодна соработка во иднина на планот на културата, спортот, образованието и европските програми за збратимување.

Општина Крива Паланка на белгиските претставници им врачи пригодни подароци, меѓу кои и станечка народна носија која се смета за најколоритна и најрепрезентативна за кривопаланечкиот крај.

Плакета на општина Крива Паланка, пак, му беше врачена на семејството на Илија Величковски, наши сограѓани кои живеат и работат во Самбервил и кои се инцијатори за збратимување со оваа белгиска општина.

 

Крива Паланка е прв град од Македонија кој се збратимува со белгиска општина, а нашата земја е прва балканска земја, која влегува во кругот на партнерите и пријатели на Самбервил. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка очекуваме да станеме достојни партнери на општините од најразвиените и највлијателни држави во Европа, истакна градоначалникот Алексовски.