Прволигашките спортски екипи од Крива Паланка ослободени од плаќање за користење на спортската сала „Бранители 2001“

– Сите екипи од спортските клубови од општина Крива Паланка кои се натпреваруваат во националните прволигашки првенства се ослободуваат од плаќање надомест за користење на спортската сала „Бранители 2001“ при одигрување натпревари.

Иницијативата ја поднесе градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, по што, на дваесеттата седница на Советот на општина Крива Паланка донесена е Одлука со која се усвоени измените на ценовникот за користење на спортскиoт објект-сала „Бранители 2001“, утврден во 2017 година.

-Во насока на стимулирање и поддршка на спортистите и екипите кои се натпреваруваат и достигнале највисок ранг натпреварувања во државнните првенства, како и поттикнување на сите спортски колективи да се стремат кон достигнување највисоко ниво во натпреварувањата, со поддршка на Советот на општината донесовме одлука за ослободување од надомест за првенствени натрпевари на екипи кои се натрпеваруваат во Прва национална лига. Оваа одлука претставува продолжување на тенденцијата на поддршка и развој на спортот во градот, на спортистите кои се најголеми амбасадори и промотори на општината и на државата, изјави градоначалникот Мицевски.

Ценовникот за користење на спортската сала „Бранители 2001“ предвидува и педесет отсто пониски цени за тренинзи и натпревари за младински категории, што претставува дополнително олеснување за сите спортски клубови кои работат и дејствуваат на подрачјето на општината.

Во насока на поддршка и промоција на спортот локалната самоуправа на општина Крива Паланка изминатата недела потпиша меморандум за унапредување на спортот помеѓу Крива Паланка и Дупница, соседна Република Бугарија, во рамки на проектот на Североисточниот плански регион, во Крива Паланка ќе се уреди терен за мини-голф и ќе се постават фитнес зони на неколку локации, а аплициран е и проект до ЕУ –фондовите за изгардба на атлетска патека околу градскиот стадион.

 

Големина на фонт
Контраст