Во Крива Паланка свечено пуштен во употреба Градскиот музеј

По повод христијанскиот празник „Свети Јоаким Осоговски“, во Крива Паланка свечено беше пуштен во употреба Градскиот музеј, сместен во поранешната зграда на Домот на АРМ. Музејот го отворија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на општина Крива Паланка Арсенчо Алексовски.

Отворањето на Музејот ќе ја заживее културата на локално ниво и ќе создаде услови за развој на културниот туризам како фактор за социјалниот и за економскиот развој на градот – оцени министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на свеченоста.

Министерката Канческа-Милевска подвлече дека Министерството за култура во изминатиот период поддржа повеќе активности кои ја збогатија културната понуда на Крива Паланка, како Велигденскиот културен бран, Паланечкото културно лето, Меѓународниот фолклорен фестивал, Меѓународниот театарски фестивал и ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски“.

Во Музејот преку фотографии, документи и предмети од традиционалните носии, покуќнини и занаети е прикажан животот во Крива Паланка низ вековите. Сето тоа е претставено во постојаната историска поставка, постојаната староградска етно- поставка и поставката за заедничкиот градски живот и обединувачкиот дух на населението кое со векови живеело на овие простори.

 

Крива Паланка беше единствената општина од градски тип во источниот дел од Македонија која немаше своја музејска установа што ќе го собира, документира, чува и презентира богатото движно културно-историско наследство, а тој проблем од денес е надминат – рече градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Адаптирањето на Градскиот музеј и проектите со поставките финансиски се поддржани од Министерството за култура на Република Македонија,oпштината Крива Паланка, Амбасадата на Кралството Норвешка во Македонија и Меморијалниот фонд „Мери Елен Хеилбрун“ од САД.

Големина на фонт
Контраст