Неизвесна легализацијата во четири зони

Сопствениците на бесправните градби во четирите потенцијално нестабилни зони, утврдени од Општинскиот совет, мора да обезбедат документација за исполнување на стандардите за геомеханика или, во спротивно, не ќе можат да се легализираат.

Неизвесна е легализацијата на повеќе дивоградби на подрачјето на Крива Паланка, кои се наоѓаат во потенцијално нестабилните зони, утврдени од страна на Советот на Општина Крива Паланка. Бесправните објекти на овие локалитети не ќе може да добијат правен статус, доколку сопствениците не обезбедат документација со која ќе се гарантира исполнувањето на стандардите за геомеханика на земјиштето. Испитувањата на теренот треба да ги направат самите, како доказ дека нема да дојде до свлечиште или други оштетувања на објектите, кои се предмет на легализација, а за кои подоцна Општината би требала да ја понесе одговорноста и да ги трпи последиците. Доколку, пак, со нив се потврди дека подрачјето не ги исполнува потребните стандарди, дивоградбите не ќе можат да се легализираат.


Со одлука на Општинскиот совет утврдени се границите на четири потенцијално нестабилни зони на подрачјето на Крива Паланка, на кои, има седумдесетина бесправно изградени објекти.


Локалитетот над Ловечкиот дом, Зорле Маало, потоа подрачјето помеѓу улиците Пиринска и Борис Арсов, како и дел од долот во населбата Единство спаѓаат во потенцијално нестабилни зони. Како такви утврдени се и улицата Калин Камен и населеното место Метов, каде има појава на свлечиште на локалниот пат. Изградените објекти на овие локалитети се без одобрение за градба и кај нив постапката за легализација може да се води само доколку, покрај останатите законски услови, ги исполнуваат и стандардите за геомеханика. Во спротивно, овие објекти нема да може да се легализираат– истакнува Добривој Николовски, раководител на одделението за урбанизам.


Од Општината препорачуваат сопствениците на дивоградбите од потенцијално нестабилните зони заеднички да ангажираат фирма, која ќе ги направи потребните истражувања на теренот, за да ги намалат неопходните трошоци и да ја забрзаат постапката за легализација. Доколку подносителите на барањата од овие подрачја не ја обезбедат потребната документација за исполнување на стандардите за геомеханика на земјиштето или со неа се потврди дека посочената зона е нестабилна, овие дивоградби нема да можат да добијат правен статус и да се вклопат во урбанистичко-планската документација.

Крива Паланка се соочува и со дополнителни тешкотии при легализацијата на дивоградбите, поради немање соодветна планска документација за градот. Овој проблем особено се однесува на десниот дел од градот, чиј урбанистички развој и планска градба со години беа запирани поради недефинираната траса на новата железница. По донесувањето на конечното решение за овој стратешки инфраструктурен објект, локалната самоуправа пристапи кон изработка на Генерален урбанистички план за целиот град, која е во тек, по што треба да се инвестира и во изготвување детален урбанистички план за 120 ха од десниот брег.


Засега, на сила сe уште е старата урбанистичка документација, изработена уште во 70-те години од минатиот век, која одамна не одговара на реалните потреби на општината и на граѓаните. Овој проблем дополнително ја отежнува постапката за легализација на дивоградбите од ова подрачје – посочува Николовски.

 

Големина на фонт
Контраст