Волонтери ја обновија руинираната зграда на противпожарната служба

Во присуство на директор на Мировниот корпус на САД во РМ, Стефан Катзи, градоначалникот Арсенчо Алексовски и други општински претставници, на 4.08.2011 г. свечено беше пуштена во употреба комплетно обновената зграда на ТППЕ на Крива Паланка.

Зградата која беше целосно руинирана и во катастрофална состојба, доби нов лик преку комплетна реконструкција на просториите, со што на оваа служба конечно и се обезбедени пристојни и современи услови за работа и престој. Во рамките на реновирањето, обезбеден е и простор за Едукациски центар на младите од  областа на противпожарната заштита.

Обновувањето е извршено со помош на донација од Мировниот корпус на САД во Македонија и локалната самоуправа, а целокупната реализација на проектот е дело на волонтерска работа. Иницијативата за реновирање на противпожарната зграда е на волонтерите Методи Додевски од општина Крива Паланка и на Линда Рејнолдс од Мировниот корпус ангажирана во локалната самоуправа, додека градежните и други изведбени работи  доброволно сами ги извршија пожарникарите и  доброволци од Извидничкиот одред „Наум Наумовски Борче“.

Преку овој успешно реализиран проект, нашите пожарникари добија обновени и модерно уредени простории, што е еден чекор напред кон подобрувањето на условите за работа на оваа професионална единица. Проектот финансиски е подржан од Мировникот корпус на САД во РМ со 4000 долари, локалната самоуправа обезбеди учество од 3000 долари, а сите градежни и други активности ги спроведоа самите пожарникари и други доброволци, преку волонтерска работа, која инаку би не чинела околу 2000 долари, истакна на свеченоста градоначалникот Алексовски.

Директорот на Мисијата на Мировниот корпус на САД во Македонија, Стефан Катзи, пак, подвлече, дека овој проект е еден од најдобрите што заеднички го направиле нивните волонтери со волонтери од локалната заедница.

Во 2011 година, која е прогласена за Европска година на волонтерството и кога Мировниот корпус го одбележува 50-годишниот јубилеј од своето основање, чест ни е да видиме дека нашата мисија ја остварува својата цел преку  подршка и помош на локалните заедници. Наша цел е да придонесуваме за мирот, да  го претставуваме американскиот народ преку присуството на нашите волонтери во земјите во светот, но и преку нив да ја пренесуваме, во овој случај, македонската култура и традиција во САД. Следејќи ја девизата на основачот на Мировниот корпус, поранешниот американски претседател Џон Кенеди, дека не треба да прашуваме што државата направила за нас, туку што ние правиме за државата, пред Вас го претставувам предизвикот „Не прашувајте што општината може да направи за Вас, туку  што Вие би можеле да направите за неа“. Овој проект е токму  одличен пример за придонесот на волонтерите, истакна Катзи.

Кривопаланечките пожарникари, предводени од комадирот Иле Коцевски, во текот на изминатите два месеци, не само што напорно работеа на реновирање и опремување на работните простории, туку истовремено и ефикасно ја ивршуваа својата професионална работа во гаснењето на повеќе пожари, со што покажаа високо ниво на подготвеност и обученост за својот ангажман.

Големина на фонт
Контраст