Се одржа пограничната средба „Краиште 2011“

Во местото Голеш, на тромеѓето помеѓу Р. Македонија, Р. Бугарија и Р. Србија, на 12.07.2011 год. (вторник), на  големиот христијански празник „Петровден“, посветен на светите апостоли Петар и Павле,  се одржа осмата по ред традиционална меѓугранична  средба  „КРАИШТЕ 2011“. Манифестацијата е во организација на Општина Крива Паланка, Општина Босилиград и Општина Ќустендил.  

На средбата на присутните им се обратија градоначалникот на Крива Паланка, г. Арсенчо Алексовски, претседателот на Советот на општина Ќустендил и градоначалникот на општина Босилиград, г. Владимир Захариев, кои во  своето обраќање ја  потенцираа  важноста од оваа и други форми на  меѓусебна соработкабитни за развој на пограничниот регион.

Градоначалникот, г.Арсенчо Алексовски, се осврна на активностите на Општината во изминатиот период  кои  беа насочени и интензивирани во правец на  отворањето на граничниот премин. Со големо задоволство констатира дека целта е постигната, проблемот е надминат, а граничниот премин реалност.  

Тој вети дека во наредниот период, во рамки на своите можности и надлежности, потребите на граѓаните од пограничниот регион  и понатаму ќе бидат негова обврска, обврска на Општината, да работи активно на доизградба на  патната инфраструктура во соработка со државните институции надлежни за истиот, согласно неговата категоризација во регионален пат.

Како дел од меѓународната средба „КРАИШТЕ 2011“,  а во знак на развиената културна соработка помеѓу Општините од Македонија, Бугарија и Србија, присутните имаа  задоволство да ја проследат богатата  програма на културно уметничките друштва и фолклорни ансамбли од трите општини, кои ја презентираа богатата традиција и култура на добрососедските земји низ сплетот на народните песни и ора кои секогаш биле и ќе бидат една од најважните врски меѓу блиските народи.