Францускиот амбасадор ја посети Крива Паланка

Францускиот амбасадор во РМ, Жан Клод Шлумберже,  ја посети Крива Паланка, при што одржа работна средба со градоначалникот Арсенчо Алексовски. На средбата градоначалникот  ја презентираше идејата за изградба на спомен обележје на францускиот сликар Мишел Раби, чии посмртни останки од урната се расеани во близина на манастирот Св.Јоаким Осоговски, според последната желба на уметникот.

 

– Почестени сме и горди што францускиот сликар Раби, како учесник на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, се вљубил токму во ова место и го посакал за свое последно почивалиште. Во негова чест сакаме да изградиме соодветно спомен обележје за да го овековечиме неговото дело,  а локацијата да стане препознатлива и за туристите. Но, тоа би сакале да го направиме во соработка со Француската амбасада за да изградиме најсоодветен паметник на овој наш пријател и уметник,  истакна градоначалникот Алексовски.

Францускиот амбасадор изрази голема благодарност до Општината и рече дека оваа иницијатива ќе ја пренесе до културните аташеа за да се најде најдобар начин за реализација на овој проект.

На средбата беше разговарано и за повеќе други можности за соработка, како и за можно инвестирање во Крива Паланка од страна на француски компании. 

 

Во рамките на престојот во Крива Паланка, амбасадорот Шлумберже  го посети манстирот Св.Јоаким Осоговски, изразувајќи ја при тоа својата воодушевеност од монументалноста и амбиенталност на овој културно-историски и туристички комплекс.