Крива Паланка се збратимува со Самбервил од Белгија

Минатата недела делегација на општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Арсенчо Алексовски и претседателот на Советот, Милка Митовска, престојуваше во 4-дневна посета, во Самбервил во Белгија, со кој е започната постапка за збратимување. Посетата беше во рамките на празникот на оваа белгиска општина, а македонското знаме веќе се вее на општинската зграда на Самбервил, заедно со она на ЕУ, француското, италијанското и белгиското, симболизирајќи го збратимувањето на  градовите од овие земји.

-Крива Паланка е прва општина од државава, која се збратимува со белгиски град, а посебна чест ни е што секаде бевме претставени како Македонија. Ниту во еден момент или документ не се спомена ФИРОМ или било каква провокација. Останатите збратимени градови со Самбервил беа запознаени за нашиот спор со името и не го оправдуваат тоа. Ова само докажува дека збратимувањето, како дел од програмата на ЕУ, е одличен начин и успешен чекор за приближување на земјата кон Европа. Ни беше укажана таква почит и прием во срцето на ЕУ, а нашата општина како нов член беше прва претставена и поздравена. Навистина се чувствувавме како достојни европски партнери, истакнува градоначалникот Алексовски.

Иницијативата за збратимување  ја покренал кривопаланечкиот иселеник Илија Величковски, кој долги години живее во овој град, по што од страна на локалните власти на Самбервил веднаш била упатена покана за збратимување и посета на белгискиот град, оддалечен само 50-тина километри од Брисел.

-Нашиот сограѓанин Илија е вистински пример за родољубивост и патриотизам. Камо среќа сите наши иселеници да водеа толкава грижа за промоција на својата татковина и нејзино приближување кон Европа. Градоначалникот на Самбервил, Жан Чарлс Луперто, пак, воедно е и претседател на Парламентот на француската заедница во Белгија, односно, на Валонија, сместен во Брисел, и ни укажа чест токму во овој дом да ја  одржиме првата заедничка средба,  вели Алексовски.

Делегацијата од Крива Паланка ја претстави општината пред европските пријатели со своите препознатливи обележја, штанд на традиционални производи, како и приготвување  на македонски ручек за гостите, кој бил пофален како највкусна храна од нивна страна.

-Заедно со нашиот иселеник Илија и неговото семејство приготвивме традиционален македонски ручек, со продукти кои ги понесовме одовде, од кривопаланечките производители, меѓу кои секако  нашиот кривопаланечки симит, производи од „Златно зрно“, слаткарницата „Спорт“ и други. На секоја маса имаше македонски знаменца, со кои гостите беа пријатно изненадени и не прашаа дали можат да ги земат со себе како сувенир. Се разбира, со задоволство им ги подаривме, нагласува Алексовски.

По повод празникот на Самбервил била поставена и изложба на цртежи, меѓу кои и на кривопаланечките ученици од ОУ„Јоаким Крчовски“ и „Илинден“, со кои се  промовира збратимувањето со европските партнери и евроинтегративните процеси. На градоначалникот Луперто,пак, му е врачено и највисокото општинско признание-плакета на  Крива Паланка.

-Постапката за збратимување треба да биде официјализирана со потишување на Меморандумот од страна на двата града, а веќе договоривме и почетна соработка во областа на културата. Секако, понатаму ќе го продолжиме приближувањето и во други области, меѓу кои и на економски план. Ќе ги искористиме и ресурсите, кои ги нуди ЕУ преку Европската програма за збратимување, како дел од програмата „Европа за граѓаните“, која финасиски ги подржува збратимените градови во реализацијата на заеднички проекти преку своите фондови, подвлекува градоначалникот Алексовски.

Повеќе фотографии од посетата на Белгија можете да погледнете во делот Фотогалерија