Удрен камен темелник за спортски комплекс

Изградбата на новиот спортски комплекс во Крива Паланка свечено беше означена со удирање на камен темелник на објектот во присуство на директорот на Агенцијата за млади и спорт на РМ, Димитар Спасов, пратеникот и носител на листата во третата изборна единица од коалицијата „За подобра Македонија“, Влатко Ѓорчев и градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Новиот комплекс предвидува изградба на спортска сала, со површина од  1350 метри квадратни и капацитет за 500 гледачи, тениско игралиште од 830 метри квадратни и повеќенаменско игралиште од 1230 метри квадратни.

-И Крива Паланка ќе стане спортски центар со изградба на три капитални објекти, каде ќе се развива спортот во следните 20-30 години, Концептот на Владата на Груевски е да го развива спортот, да го јакне карактерот и спортскиот дух на младите и да обезбедува спортска инфраструктура, истакна Влатко Ѓорчев.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Димитар Спасов, нагласи дека со изградбата на спортскиот комплекс Крива Паланка  го остварува својот повеќедецениски сон и станува дел од спортската карта на Македонија.

 -На младите им се дава можност да спортуваат, да добиваат училишни и спортски стипендии, да патуваат низ светот и правилно да се насочуваат, истакна Спасов.

Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, потенцираше дека и покрај политичките игри во предизборието, спортскиот комплекс бил предвиден и почнала подготовката за негова изградба уште пред да се знае дека ќе има предвремени избори.

-Со подршка на Владата во Крива Паланка првпат се случуваат овие три капитални инвестиции во спортот, за кои се предвидени и рокови за изградба. Тендерите веќе се завршени и изведувачите се избрани, така што изградбата може непречено да се одвива. Спортската сала треба да биде изградена за девет месеци, а тениското и повеќенаменското игралиште за 6 месеци. Овој комплекс ќе овозможи услови за развој на сите спортови во општината.Токму недостигот од спортски објект беше главната причина што замре ракометот во општината, иако нашите ракометари требаше да играат во сојузната лига на бившата ЈУ држава. Денес,пак, имаме врвни каратисти  и пингпонгари со европски и  државни награди и се надеваме дека тие се нашиот потенцијал за идните генерации, подвлече градоначалникот Алексовски.

   
   
   
   
   

 

 
 

 

 

 

 

 

 

Големина на фонт
Контраст