Промоција на книгата „Трепети од животот“ од Благоротка Стојчевска

Во просториите на ЛУ Градски музеј –Крива Паланка на 6-ти септември беше промовирана втората книга со поезија на нашата сограѓанка Благоротка Стојчевска.

Чест ни беше како институција што ни беше доверена довербата да ја организираме промоцијата како на првата збирка „Песни за љубовта“ во 2014 година така и новата збирка на поезија „Трепети од животот“ во 2018 година од нашата сограѓанка. Секогаш излегуваме во пресрет на уметноста и креативноста и ги подржуваме сите поединци кои оставаат нешто вредно на градот. Ме радува преполната сала и Вашата сила и желба да бидете присутни на секој културен настан.  Годините  никогаш не се пречка да ги остварите своите цели во животот- истакна директорот на музејот Драган Величковски.

На промоцијата присуствуваше и градоначалникот Борјанчо Мицевски кој го изрази задоволството што луѓето и во третото доба од својот живот со ентузијазам чекорат и ги остваруваат своите животни соништа.

Чест ми е што присуствувам на денешната промоција и поради моите секојдневни обврски секогаш издвојувам време и имаме одлична соработка со Здружението на пензионери. Ја прочитав првата збирка на поезија од авторката, која ми ја подари при една наша средба, се надевам дека и оваа ќе ја прочитам во еден здив бидејќи беше прекрасна – изјави градоначалникот Борјанчо Мицевски.

Промотор на книгата беше Калина Сливовска Андонова – главен уредник на „Пензионер плус“ и прилогот „Видици“ во Нова Македонија на кои дописник од Крива Паланка е Благоротка Стојчевска.

Големина на фонт
Контраст