Градоначалникот Мицевски ги поздрави учесниците на 32-та Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“

Дванаесет ликовни уметници од шест европски држави во претстојните седум дена ќе творат во амбиенталниот простор на манастирот Свети Јоаким Осоговски кај Крива Паланка на 32-та сесија на Меѓународната ликовна колонија која го носи името на светецот.

-Авторите ќе творат по слободен тематски пристап, во разни сликарски техники, инспирирани од убавините на природата и духовноста на сакралното амбиентално место во кругот на манастирот и храмовите. Секој автор е должен да остави две од создадените дела во збирката на колонијата. Досега, во рамки на тридецениското постоење на колонијата создадени се безмалку 500 дела, сочинети во две збирки, една во Центарот за кулутра, Крива Паланка, каде има над двесте дела, останатите во манастирот, каде има повеќе од 250 слики, изјави професор Јордан Михајловски, координатор на колонијата.

Уметниците ги посети и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој ги поздрави присутните и им порача дека задоволството да се вгостат во градот и манастирот, по кој општината е препознатлива, е големо.

-Многу ми е драго што доаѓајќи од различни земји и култура, можете во рамки на овие  седум дена да ја запознаете македонската кулутра, традиција, но и преку секое дело кое го создавате да оставите траен белег на вашата кулутра и стил на живеење овде, овековечувајќи ги преку уметнички творби кои остануваат како влог во збирката на колонијата. Мое е задоволството што мојот работен кабинет го краси едно дело од колонијата, и Ве поканувам да бидете еден ден во рамки на агендата на активности, мои драги гости, им порача градоначалникот Мицевски.

На годинашната ликовна сесија на колонијата учествуваат реномираните ликовни уметници: Маркус Барвитски, Германија, Ева Ертл од Австрија, Диминика Пашковск и Реџина Бастијан од Полска, Силвија Михајлова, Бугарија, Демет Јаолчинкаја од Турција и нашите уметници: Димитар Стојчевски, Стефан Хаџи-Николов, Христина Стојчевска, Ангеле Гавроски, Дејан Иванов-Балтон и Лазо Ѓоргиевски.

Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ е препознатлива во светски рамки како единствена која се реализира во манастирски амбиент.

Колонијата ќе трае до 12 септември, а  создадените дела на сесијата ќе бидат претставени пред јавноста на изложба која ќе се одржи во стариот манастирски конак на 11 септември во 19 часот и 30 минути.