Прекуграничен форум за Осогово

Во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ се одржува дводневен Прекуграничен форум за Осогово, кој е во рамките на проектот „Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас“, што го спроведува Македонското еколошко друштво(МЕД), во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање(МЖСПП), Бугарската фондација за биолошка разновидност и општините од Осоговскиот регион.

На форумот учествуваат високи претставници од државата и од странство меѓу кои заменик министерката на МЖСПП, г-ѓа Соња Липиткова, претседателот на МЕД, проф. Љупчо Меловски, г-н Филип Пиперт од УНЕСКО, како и  Волфганг Фремут од Франкфуртското зоолошко друштво и Бертранд Сансоне од Про Натура од Швајцарија, од кои е обезбедена финансиска подршка за проектот.

На форумот беа презентирани  петгодишните истражувања и активности за формирање на прекугранично заштитено подрачје на Осоговските Планини за обезбедување на поефикасна заштита и одржлива употреба на природните вредности.

Заменик министерката Липиткова истакна дека  државата  презема континуирани активности за воспоставување на интегрирана заштита за зачувување на биодиверзитетот и природните реткости, како на целата територија ан земјата, така и на Осоговието, со што се приближуваме кон исполнување на европските стандарди и критериуми за заштита на природата. Како посебно значајни, Липиткова ги истакна социо-економскиот развој и унапредувањето на еколошката средина, кои се од особено значење  за локалното население.

Претседателот на Советот на Крива Паланка, г-ѓа Милка Митовска подвлече дека правилното менаџирање на природните и културни вредности на Осоговието ќе придонесе за нови можности за економски одржлив развој и промоција на регионот.

Досегашните истражувања се од голема вредност затоа што за првпат се утврдени потенцијалите и ресурсите на биодиверзитетот на Осоговието, значајните, ретки и загрозени видови кои егзистираат во повеќе идентификувани хабитати(живеалишта), како и зоните на предвидената заштита.

Прекуграничниот форум  е во насока на зајакнување на соработката со Бугарија и усогласен развој на Осоговскиот регион како дел од Европската иницијатива „Европски зелен појас“.

Учесниците ќе реализраат и прошетка до Султан Тепе, како најимпресивен врв на Осоговието, а на Форумот ќе бидат дадени и препораки за идните проекти и заеднички активности меѓу Македонија и Бугарија за прогласување на погранично заштитено подрачје во овој регион.

Големина на фонт
Контраст