Треш фешн Македонија: Победа за „Третиот елемент“

Учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, со нивната уникатна креација од материјали за рециклирање, победија на седмото издание на „Треш фешн Македонија“, која се одржа во МКЦ. Користејќи фолија, кеси, цедеа, таблети учениците создадоа оригинална креација наречена „Третиот елемент“, под менторство на  професорот по ликовна уметност Роберт Цветковски.

Второто место им припадна на учениците од „Димитар Влахов” од Скопје со креацијата „Еуфорија”, а трети се средношколците од Богданци, и нивната креација „Саншајн” направена од конзерви од паштети. 

Натпреварот е наменет за сите средни училишта кои се вклучени во програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која ја имплементира ОХO во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија.

Целта на „Треш фешн Македонија“ е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба.

Оваа година, учениците своите креации ги работеа на тема „Мода од иднината“.

Настанот се одржа по повод Светскиот ден на животната средина, 5 јуни, а учествуваа тимови од 35 средни училишта во Македонија.