Посета на основно училиште во Oљао, Португалија во рамки на Еразмус+проектот „Мојата мала Европа”

Четворица претставници од ООУ „Јоаким Крчовски” и тоа Тања Димитровска-Шкрбиќ, Жаклина Христовска, Наташа Колевска и Драган Ристовски посетија неколку основни училишта во склоп на групата училишта на професорката Паула Ногуеира од 13 до 18 мај 2018 година во Ољао, Португалија. Ова беше последната работна средба од проектот „Мојата мала Европа”. Европа мала во проектот но инаку прилично голема. После ден и половина патување стигнавме до јужниот дел на Португалија во еден мал град кој се вика Ољао. Името на градот значи вода а кажува многу за градот и неговата околина. Штом се симнавме од возот не пречека мирисот на солта и рибата кои за жителите значат живот, а за посетителите се знак за распознавање. Полека пристигнаа останатите претставниците од останатите земји.

Во училиштето сите бевме пречекани со подароци, песна и игра. Срдечно добредојде ни посака директорот на училиштето а учениците не поздравија со знаменца, цвеќе и подароци.  

Го разгледаме училиштето и започнавме со работа. Ги посетивме часовите по математика, информатика, англиски, разменивме различни искуства и се запознавме со еден малку поинаков начин на предавање. Сите херои кои беа дел од овој проект беа вклучени во расказот „Шест минути” напишан од главниот координатор на проектот Агнешка Булинска. Една прекрасна синтеза на сите шест земји во еден мал лик кој успеал да ги пронајде најдобрите нешта од сите херои и да ги научи. Уживавме додека го слушавме расказот и ги гледавме илустрациите на ликовите поврзани со секоја земја.

По состанокот бевме на Тук – Тук турнеја за разгледување на градот. Симпатичните возила со кои го разгледавме градот и интересните водичи направија да уживаме како во глетката така и во возењето.

Посебно интересна и незаборавна беше посетата на училиштето на островот Кулатра. Тоа има 30 ученика и е единственото училиште кое се наоѓа на остров во околината. Опкружено со песок и палми потсетуваше на глетка од Вестерн филм. Настаниците мораат да патуваат со брод за да дојдат тука и да работат со овие ученици. Сепак далечината не беше пречка да не уживаат во работата со своите ученици.

Го посетивме и градскиот музеј кој исто така беше во знак на риболовот, бродовите и музиката. Таму разбравме дека градот бил целосно уништен од еден земјотрес кој бил следен од цунами и пожар. После тоа повторно целиот бил изграден. Тогаш е направен и споменикот во центарот на градот кој ја симболизира водата односно името на градот.

Во општината бевме пречекани од советникот за образование на општина Ољао кој искажа огромно задоволство од вклученоста на сите наставници во вакви проекти со цел да се подобри квалитетот на образовниот процес. Тој истакна дека иднината е во квалитетното образование, а размената на искуствата е многу важен дел од тоа.

Посетивме уште едно училиште кое е во склоп на групата училишта на професорката Паула Ногуеира. Ова е новоизградено и модерно училиште дизајнирано од познат португалски архитект. Безбедноста на учениците е на највисоко ниво, а за нивниот пријатен  престој таму се обезбедени сите услови. Употребата на современите методи во настава е секојдневие како и учеството во различни конкурси и проекти.

Го посетивме и Сагрес кој е посебен бидејќи тоа е најјугозападниот дел од Европа од каде тргнувале сите морепловци во минатото да ги истражуваат морињата, океаните и другите континенти. Во минатото луѓето сметале дека тука завршува светот и дека остатокот е вода па затоа тоа место го нарекле „Крајот на светот”. Денес е туристичка атракција со прекрасни пејсажи кон океанот.

И така од крајот на Европа се поздравиме со сите партнери во проектот „Мојата мала Европа”. Разделбата не беше воопшто лесна, но остана надежта и желбата за повторно видување во некоја следна прилика.

Координатор на проектот: „Мојата мала Европа“ со регистарски број: 2016-PL01-KA219-026498_6

Тања Димитровска-Шкрбиќ

Големина на фонт
Контраст