Промоција на аудио водич во ЛУ Градски музеј

Вчера во Градскиот музеј во Крива Паланка беше промовиран новиот АУДИО ВОДИЧ низ постојаните поставки во музејот, во прусуство на високи преставници од Мировен корпус во Македонија, постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Лујза Винтон, градоначалникот Борјанчо Мицевски, преставници на Дневниот центар за лица со посебни потреби, учесници во проектот и граѓани на Крива Паланка.

Проектот е дело на волонтерот на Мировниот корпус Кајл Бутчер и е имплементиран со финансиска поддршка на Мировниот корпус на САД во Република Македонија.

Аудио-турата е надополнување на она што подолго време се реализира во музејот, реконцепција на поставките и придонесува за атрактивност и достапност на музејот до сите посетители, специјални гости, но и до лицата со попреченост, зашто истовремено музејските постановки се адаптирани и за лица со оштетен вид и слух.

Инсталирани се триесетина монитори на кои се претставени артефакти и предмети, фотографии од основањето на градот до денес, а посетителите можат да ја запознаат Крива Паланка низ аудио-турата на шест јазици: англиски, македонски, албански, ромски, турски и француски.