„Место каде минатото се сретнува со иднината“ манифестација во чест на Денот на Европа

Со поетско-музичката манифестација насловена како „Место каде минатото се сретнува со иднината“ Општина Крива Паланка го одбележи Денот на Европа, 9 Мај. Настанот се одржа на платото пред манастирот Свети Јоаким Осоговски и следуваше по дневните случувања на главниот градски плоштад организирани од Општината во соработка со  ЕУ инфо центарот на Делегацијата  на ЕУ во Скопје.

На манифестацијата на која присуствуваше и амбасадорот на  ЕУ во Р.Македонија, Самел  Жбогар, настапија бројни уметници од Крива Паланка и регионот.

Преку   живиот  збор на поетите, гудалото на виолината и виолончелото, жиците на гитарата, милозвучната песна на флејтата, грлото на расепеаните кривопаланчани, елегијата на етно и староградската песна и сето тоа вткаено во прекрасниот  пејсажен амбиент на десетвековното духовно, културно-историско и градителско наследство на нашиот заштитник и патрон Свети Јоаким Осоговски  се одбележа денот на европскиот идентитет и заложбата за заедништво на сите народи на стариот континент.