Во ООУ „Илинден“ традиционална македонска и албанска свадба

Традиционалното свадбарско оро, познатата „Тројка”, свадбарско албанско оро со звуци на тапанот, пеење во еден глас и игра во ист ритам беа дел од традиционалата македонска и албанска свадба  изведени во холот на основно општинско училиште „Илинден” од Крива Паланка во рамки на проектот за Меѓуетничка интеграција на младите во образованието кој се реализира во соработката со основно општинско училиште „Симче Настески” од село Вратница, општина Јажинце.
Директорката на ООУ Илинден, Марица Николовска, информира дека мешана група од триесетина ученици од двете училишта работеле на тема „Паланечка традиционална свадба” и “Албанска- Јажинска традиционална свадба” во рамки на грант од Министерството за образование и наука.
-Целта е постигната, се присетивме на оние традиционални вредности кои се изгубија во ова општество, благословите, почитта, кои се веќе реткост и на драго срце што можеме да видиме дека се негуваат традициите, македонската и албанската. Има поучни работи кои ги учат младите на почит и кон најблиските, и кон повозрасните, но и кон сите во средината во која живеат, без оглед на разликите во националноста и религијата, рече Дијана Петровска, директор на ООУ „Симче Настески“.
Според неа, овие благослови придонесуваат кон благосостојба во домот, а оттука се рефлектираат во целото општество.
Со учениците работеа по осум ментори од секое училиште, а денешниот настан кој е завршен следува по двата кои се одржаа во текот на учебната година во двете училишта во рамки на проектот со времетраење од 12 месеци.