Во Крива Паланка се одржа манифестацијата „Велигденска традиција“

Околу шестотини украсени јајца и над двесте велигденски декорации со празнични мотиви беа изложени на манифестација „Велигденска традиција”  која се одржа по петти пат во дворот на локалната установа Градски музеј, Крива Паланка.

– Манифестацијата ја организираме традиционално на втор ден Велигден, а истата е можност креативните експресии на граѓаните да бидат претставени и забележани. Тоа е и всушност улогата на културните, па и на образовните институции, рече Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј

На посебни штандови беа изложени индивидуални и групни декорации со разни велигденски мотиви, поврзани со традицијата, специјалитети, посни и празнични подготвени од образовните институции, кои според критериумите на жири комисијата добија награди во три категории.

Награда за најдобра поединечна декорација доби ПОУ Јоаким Крчовски од село Огут, второ место игротека Анифил и трето место СОУ Ѓорче Петров.

За најдобра групна декорација прво наградена е „Велигденска идила” од Јоаким Крчовски, второ ОЈУДГ Детелинка и трето место е Дневниот центар.

Најубаво украсено велигденско јајце е прогласена изработката на Викторија Ѓоргиевска, второнаградена е Јагода Ангеловска и трето место-Катица Борисовска.

На манифестацијата со свои изработки учествуваа и дечињата од ООУ Кирил и Методија од Иловица, општина Босилово.

– Велигденските празници се денови кога го славиме воздигнувањето и воскресението Христово и верувајте, во животот само оние кои знаат што е мака, што е трпение, знаат да ги ценат добрините и убавините во животот. Во таа чест посакувам среќни празници на сите и посакувам добро здравје и убавини за секого, порача градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Трдиционално се одржа и натпревар во најцврсто јајце, каде беа пријавени 65 учесници, а победник е Ниола Тасков. Посебна награда доби и Никола Николовски кој победи 53 јајца, но беше совладан од најуспешниот-Тасков. Подароци обезбедија општината и музејот.