„Првоаприлска шега“ во Крива Паланка

Околу илјада дечиња маскирани во омилените ликови од цртаните филмови, јунаци од бајките, принцези и групни маски со разни теми, продефилираа вчера  на  манифестацијата „Првоаприлска шега“ во Крива Паланка.

Манифестацијата е под покровителство на Општина Крива Паланка, а се организира во соработка со основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ и градинката „Детелинка“.

Дефилето под маски имаше натпреварувачки карактер, а наградени беа најдобрите групни и индивидуални маски од сите институции -учесници.

Најдобра групна маска од ООУ Илинден е „Ден и ноќ”, а од Јоаким Крчовски – „Рубикови коцки”. Наградени се и маските „принцеза” од објект „Виножито“ на градинката „Детелинка“ – група „Јаготки”, „овчичка” од група „Светулки“, „шеик” од Илинден и „цветна принцеза од хартиени салфети” од „Јоаким Крчовски“.
– Сите маски кои беа дел од првоаприлската шега заслужуваат признание и пофалба за вложениот труд и енергија, а жири комисијата  имаше тешка задача, оценувајќи ги. Најважно од се е насмевките да бидат на лицата на децата, но и на сите луѓе, не само денеска, туку секој ден, истакна градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски.

„Првоаприлска шега“ ќе прерасне во традиционална манифестација,  а планирано е да се прошири со учество на соседните општини и пошироко.