Во СОУ „Ѓорче Петров“ се одржа свечена академија во чест на Милица Стојанова

Со ретроспектива на годините и децениите во кои твореше и бројните дела од телевизиската и театарска глума на актерската уметничка дива Милица Стојанова во гимназијата Ѓорче Петров од Крива Паланка, вчера се одржа свечена академија во чест на Стојанова насловена како „Сета наша љубов за Милица Стојанова“.

Настанот го подготвија професорките од активот по македонски јазик и литература, а сценската роља им припадна на учениците кои направија реминисценција на приемниот испит во МНТ испит за најпознатата Паланчанка.

– Чест ми е што живеам во време во кое живее и доајенот на македонската глума, нашата Милица Стојанова, која остави траен белег со сиот нејзин работен ангажман, задолжувајќи го секој сограѓанин да и се оддолжи. Се надевам и верувам дека иако вечерва не е присутна дека Стојанова ќе биде со нас на големиот јубилеј на 10-то издание на Меѓународниот театарски фестивал св.Јоаким Осоговски, чиешто постоење во нејзиниот роден град особено ја радува, рече градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски на отворањето на академијата.

Според организаторите, гордост и привилегија е да се соработува со големата Милица Стојанова.

– Голема гордост и привилегија на нашиот град е што во него израсна еден ваков актерски гигант, кој со својот професионализам се докажа пред македонскиот и светскиот аудиториум. Во театарот таа се препозна себе си и смислата на својот живот. Преку нејзината раскошна дарба во театарот таа се докажа ,а ние ја имавме привилегијата како нејзини верни љубители да уживаме во мајсторството на Милица Стојанова на телевизиските екрани и на штиците што живот значат, рече Габриела Стаменковска, директор на СОУ Ѓорче Петров, Крива Паланка.

Стојанова во соработка со професорките од гимназијата од активот по македонски јазик и литература, несебично ги пренесе актерските вештини и умешност, знаењата на бројни генерации кривопаланечки средношколци, при подготовка на разни драми и драмски изведби.