Се одржа деветтото издание на традиционалната културна манифестација „Невестинско поклонение 2018“

Во текот на вчерашниот ден, во с. Конопница се одржа традиционалната културна манифестација НЕВЕСТИНСКО ПОКЛОНЕНИЕ на Св. Теодор Тирон.  И покрај студеното време,  голем број наши сограѓани и гости од регионот и пошироко, уживаа во несекојдневната глетка на дефилето и ритуалот на поклонение пред црквата на Св. Теодор Тирон што го направија невестите со своите свекрви.

Манифестацијата ,,Невестинското поклонение“на Свети Теодор Тирон, годинава го доживеа своето деветто издание и од година на година бројот на добронамерниците кои доаѓаат да ги поздрават учесничките на Невестинското поклонение е се поголем, а манифестацијата прераснува во своевиден културен бренд и мотив повеќе да се посети родниот крај и да се оживеат спомените на сите отселени кривопаланчани.

Настанот е дел од годишната културна програма на општина Крива Паланка и се одржува под покровителство на локалната самоуправа, месната заедница на Конопница, Националната установа Центар за култура и ЛУ Градски музеј, Крива Паланка, заедно со Македонска православна црква-Кумановско-Осоговска епархија.   

По тој повод, градоначалникот Борјанчо Мицевски приреди прием за бројни видни гости.  

На манифестацијата присуствуваа амбасадорот на Шпанија во РМ, Емилио Лоренцо Сера, постојанито претставник на УНДП во Македонија, Лујза Винтон, министерот  за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот за здравство, Венко Филипче,  Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот кумановски и осоговски г. д-р Јосиф, Тодорче Тасевски, шеф на  кабинетот на министерот за култура на РМ, претставници од амбасадата на Романија во Македонија, градоначалниците на Крива Паланка, Ранковце и Старо Нагоричане, претседателките на општинските совети на Крива Паланка и Куманово, бројни гости од јавниот и кулутрен живот во градот.

Учесничките и присутните граѓани беа поздравени од страна на покровителот на манифестацијата, градоначалникот на општина Крива Паланка, г.Борјанчо Мицевски, кој истакна дека интенцијата на општината  е преку ваквите манифестаци, покрај зачувувањето на афтентичните обичаи, да се промовира и посебноста, не само на општината, туку и на државата.