Природни ресурси

Општината Крива Паланка има умерено-континентална клима со умерено ладна зима,умерено топло лето, свежа пролет и релативно топла есен, што се должи на географската диспозиција и на извесни влијанија кои навлегуваат од Егејот преку Крива Река. Високите делови на Осоговијата се под влијание на степската клима.
Просечната годишна темперетура изнесува 10,2 С. Во текот на годината најтопол месец е јули со просечна вредност од 20,0  С. Најстуден месец е јануари со просечна вредност од -0,3  С. Просечното годишно температурно колебање изнесува 20,30 С.Во спордба со областите што ја опкружуваат, Кривопаланечката област добива значителни врнежи. Ова се должи на апсолутно големата висина која претставува природен кондензатор за водената пареа, што ја носат западните и јужните ветрови.
Просечниот датум на првиот снежен покривач во оваа област е 30 ноември. Појасот над 1700 метри надморска височина има доста ниски средни годишни темперетури, затоа врвовите Руен и Царев Врв се под снежна покривка од октомври па до почетокот на јуни. На Руен снежната покривка се задржува и во јули.  Кривопаланечко е ветровито подрачје. Ветровите во Крива Паланка дуваат речиси од сите правци и во секое време од годината. Поради големата зачестеност на ветровите во ова подрачје, маглата е ретка појава. Просечно годишно се регистрираат 10-12 денови со магла, и тоа главно од ноември до февруари, а некои години се јавува од септември до мај.

ВОДНИ РЕСУРСИ

Осоговијата е богата со извори, потоци и реки. Ова богатство се должи на нејзината релативно голема надморска височина и геолошкиот состав. Регионот се карактеризира со бројни плитки реки и мали сливови. Најпознати се Крива Река и Дурачка Река.
Крива Река извира во подножјето на Царев Врв, од силен извор на надморска височина од околу 1.800 метри. Вкупната должина на течението на Крива Река изнесува 69 километри со пад од 2,5%.Во центарот на градот ја прима својата најголема притока, Дурачка Река. Дурачка Река ја прават трите мали реки: Станечка, Козја и Дурачка. Вкупната должина на реката е 15 км.

На подрачјето на општините досега се изградени две акумулации и тоа акумулацијата Базјачко Брдо со 14.100 м3 вода и акумулацијата Влашки Колиби со 6.200 м3 вода, лоцирани на Калин Камен на надморска висина од 1.590 м.


ШУМИ

Обемот и структурата на шумите претставуваат еден од најзначајните природни потенцијали на општината Крива Паланка. Шумите учествуваат со 36,47% од вкупната површина на Општината. Под шума се наоѓаат 17527,5 хектари што изнесува 0,54% од шумите во државата. Под високи шуми се наоѓа околу 60% од вкупната површина под шуми, а остатокот е под ниски шуми. Најзастапена е буковата шума која се протега на надморска висина од 700 до 1200 метри.
Според сопственоста на земјиштето околу 60% од шумите се во државна сопственост, а 40 % во приватна сопственост. Со државните шуми стопанисува ЈП „Македонски шуми“ – подружница ШС „Осогово“ Крива Паланка.


ЖИВОТИНСКИ СВЕТ

Животинскиот фонд на Осоговијата во главно го сочинуваат: волкот, лисицата, зајакот,срната, дивата свиња, ежот, желката. Послабо се застапени: јазовецот, белката (куната) и видрата. Последната мечка, според записите, е убиена во 1891 година.
Од влечугите застепени се гуштерите и змиите (водни и копнени).
Од птиците ги има во голем број сојката, славејот, врапчето, кукавицата, утката, гарванот, а на повисоките врвови и јастребот, соколот и орелот.


РАСТИТЕЛЕН СВЕТ

Растителниот свет на Осоговијата е богат и разнобразен. големите висински разлики условиле формирање на четири растителни појаси.

Првиот појас на нископланински пасишта или нископланински тревен појас започнува од јужната рамка на Славишката Котлина и се протега до 750 метри надморска висина. На овој појас природно му припаѓа и градот Крива Паланка. Во понискиот негов дел застапени се капината и трњето, а во повисокиот закржлавени грмушки од габер, смрека и прнар, а сосема ретко и по некој брест, (с.Псача). Од културните растенија се застапени само овошните дрвја.
Вториот појас е со дабова шума. Тој допира со горна граница до 1200 метри. Во него се појавува и ситна шума. Крупни шумски растенија во овој појас се дабјето: горун, благун и др. Тревните површини во него ги сочинуваат: троскотот, млечката, луцерката, власината и до горната граница на дабовиот појас воедно е и горна граница на пченицата, модрите сливи, оревите и тополите.
Третиот појас го сочинува буковата шума која започнува од околу 1000-1200 метри, а се протега до 1500, односно 1700 метри надморска височина.Во овој појас се присутни и тревни пасишта. Од културните растенија таму се застапени компирот, ‘ржта, овесот, јачменот, а од овошните дрвја сливите џанки.
Четвртиот високотревен појас се простира веднаш над буковата шума, опфаќајќи ги највисоките делови на Осоговијата околу врвовите Руен и Царев Врв. Тревната формација таму ја сочинуваат таканаречените „исконски треви“, кои се примарна пасишна зона со извонредни можности за сточарство, а особено овчарство. Вакви се пасиштата кај Божидарица, Тураница, Средно Брдо, Калин Камен и Слана Бара.

Во минатото на Осоговијата постоел и кат на иглолисни шуми, кои биле уништени во периодот на Турското владеење за потребите на рударството и за создавање на плодни површини. Природните услови на Осоговијта (атмосферски почвени) се поволни за самообновување на шумите.

ПОЧВА

Од вкупното земјиште во Општината 31% е обработливо и има големи природни предуслови и потенцијали за профитабилни вложувања во оваа гранка.
Вкупно обработливо земјиште во Општината е 14906,8 хектари од кои:
• Ниви (ораници) – 11881,5 хектари (24,7%)
• Градини (градинарски култури) – 45,9 хектари (0,09%)
• Овоштарници – 630,9 хектари (1,31%)
• Лозја – 53,6 хектари (0,11%)
• Ливади – 2294 хектари (4,77%).

РУДНИ РЕСУРСИ

Осоговскиот планински масив е во редот на позначајните рударски области во Република Македонија. Во регионот на општината Крива Паланка се наоѓаат повеќе рудни наоѓалишта на метали (олово, цинк, антимон, бакар, сребро, злато и др.) како и на неметали (бентонитски глини, туфови, кварц, дијатомејска земја и др.). Металните рудни наоѓалишта се лоцирани претежно во осоговскиот планински масив, поточно во рамките на металогенетската зона Бесна Кобила-Осогово-Таос. Како најголемо потенцијално рудно лежиште е утврдено лежиштето на оловно цинкови рудни резерви.

Рудникот за олово и цинк „Тораница“ се наоѓа во северо – источниот дел на Република Македонија на падините на планината Осогово близу Македонско – Бугарската граница оддалечен 18 км од Крива Паланка, а 120 км од Скопје. Рудникот „Тораница“ е проектиран како современ рудник со капацитет од 700 000 тони/год. ровна руда. Рудата од лежиштето „Тораница“ се појавува во три текстурни типа. Чиста руда со застапеност од 51 % , масивна руда 29 % и инпрегрирана руда 20 %.
Рудникот во моментот не работи.

Рудникот и флотација „Крстов Дол“ се наоѓаат на околу 20 километри оддалеченост од Крива Паланка. Во флотацијата Крстов Дол е преработувана руда на антимон. Покрај ова е преработувана и молибденова руда донесена од Турција и извесна количина на руда на антимон од рудното лежиште „Алшар“ – Кавадарци со висок процент на арсен.
Рудникот е затворен.