Паланка ќе учи од Банско

 
Туристички развој со изградба на зимско-рекреативен комплекс, според моделот на познатиот бугарски туристички центар во Банско, планира Општина Крива Паланка за најатрактивниот дел од Осоговието. На почетокот на идната година, во Крива Паланка ќе престојува познат бугарски експерт, кој ќе ги испитува можностите општината да доживее туристичка експанзија како ски-центарот во Банско. Ова е првиот чекор од соработката помеѓу овие две општини, кои неодамна се збратимија.

Со градоначалникот на Банско, Александар Краваров, договорено е главниот архитект и идеен творец на ски-терените во овој туристички центар наскоро да престојува во Крива Паланка. Тој ги има поминато сите светски туристички центри и ги има трасирано ски патеките во Банско, кое во изминатите години прерасна во елитен и најпознат зимски туристички центар во регионот. Негова главна задача ќе биде да ги разгледа терените и условите на Осоговските Планини и да ни ги даде насоките за развој на сопствен туристички центар, кој ќе обезбеди најдобра перспектива за општината. Осоговието има огромни потенцијали, тоа сите го потврдуваат, но досега ништо не е сторено тие да бидат искористени и ставени во функција на локалниот развој. Затоа позитивното искуство на Банско и нивните експерти ќе ни бидат од драгоцена помош – истакнува градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Крива Паланка има цел да го развие зимскиот туризам по примерот на Банско, за што двете општини ќе ја продлабочат соработката, преку искористување на сопствените специфики и ресурси за забрзан развој.

Банско е град со околу 7.000 жители, но во моментов располага со околу 40.000 легла во хотелско сместување и плус голем број приватни сместувачки и услужни капацитети. Годишно во овој туристички центар престојуваат околу еден милион туристи, а ние, како општина со околу 20.000 жители, с` уште немаме ниту една туристичка агенција за организирање туристички тури и привлекување гости. Луѓето од Банско успеаја да го доведат светски познатиот скијач Алберто Томба и ја крстија со негово име една од ски-патеките. Направија туристички бум и елитен туристички бренд, кој ги вброи во најпознатите туристички центри. Денес имаат буџет од 18 милиони евра, а ние само околу 4 милиони евра, што е силен поттик да ги искористиме нивните позитивни искуства – истакнува Алексовски.

Збратимените општини ќе соработуваат и преку одделенијата за локален економски развој, чии тимови заеднички ќе ги утврдат приоритетните проекти со кои ќе аплицираат пред ЕУ-фондовите. Главен акцент ќе биде ставен на туризмот, за кој во Банско имаат огромно искуство.

Извор: Дневник