Бракот поинтересен од училиштето

Иако статистиките покажуваат дека во основното и во средно образование значително е зголемен бројот на ромски ученици, евидентна е нередовноста, посебно во повисоките класови на основните и во средни училишта. Повеќето семејства потврдија дека нивните женски деца го прекинале школувањето и веќе се омажиле, а машките сами решиле да не продолжат во средно образование.


Девојчињата обично стапуваат во брак или уште почесто се решаваат за вонбрачна заедница на 13-14 години. Повеќето се мажат во Пробиштип, Кратово, Свети Николе, Куманово, Штип. Ромите и повеќето нивни организации сметаат дека тоа се должи на вкоренетите традиционални навики во ромската заедница, но и на големата сиромаштија со која се соочуваат.

– Пред неколку недели едно тринаесет и полгодишно девојче, кое одеше во 7 одделение, побегна со момче од Штип. Родителите се спротивставија и со помош на полицијата успеавме да го вратиме. Но, сега родителите не ја праќаат на училиште зашто се плашат пак да не им побегне кај момчето – раскажува Јашар Салимов од НВО „Пралипе“.

Тој вели дека тешко се менуваат навиките во ромската заедница и покрај напорите што ги преземаат Владата, ромските организации и меѓународните донатори.

– Се’ уште тешко се искоренува традицијата девојчињата кога ќе потпораснат да остануваат дома и да помагаат во домашните работи наместо да одат на училиште. Тоа е и една од причините што рано се мажат, а момчињата обично самоволно го напуштаат училиштето – вели Салимов.

– Оваа учебна година запишани се 55 ромски ученици, а бројот, во споредба со изминатите години, е зголемен дури за 90 отсто. Но има осипување на учениците, посебно кај девојчињата, кои млади се мажат. Дури и самите родители им го договараат бракот – вели Миле Милковски, директор на СОУ „Ѓорче Петров“.

Во Основното училиште „Јоаким Крчовски“ се запишале 43 основци Роми, но таму попроблематични се машките ученици.

– Машките деца се нередовни. На сред година го прекинуваат школувањето или отсуствуваат подолго поради сезонска работа – вели директорот Драги Ристовски.

За подигањето на свеста за редовна настава и образование кај ромската популација се спроведуваат повеќе проекти. Сега општина Крива Паланка, во соработка со Регионалната ромска мрежа „Интелект“, подготвува програма и акционен план за имплементација на Декадата на Ромите за периодот 2011-2013, кои предвидуваат активно вклучување на Ромите во процесот на креирање на политики на локално ниво, а се однесуваат на подобрување на нивниот квалитет на живот, во што е опфатено и образованието.