Започна деветтиот Меѓународен театарски фестивал Свети Јоаким Осоговски

Со изложба на театарска фотографија „Припитомување на крикот“ од Љупчо Илиевски и претставата „ Аналфабет“ на Народен театар Охрид, синоќа во Крива Паланка  започна деветтиот Меѓународен театарски фестивал Свети Јоаким Осоговски.

На сцената на Кривопаланечкиот центар за култура во деветте фестивалски вечери ќе настапат осум театарски ансамбли од Македонија, Хрватска, Србија и Бугарија.

– Во овие девет години на одржување на фестивалот успеавме да се наметнеме на театарската мапа во регионот и станавме препознатливи и достојни за предизвик на театраските групи од соседството и Балканот кои на оваа сцена секоја година ги претставуваат своите најнови остварувања, рече во обраќањето градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Програмата продолжува денеска во 12:30 часот, во ЛУ Градски Музеј каде ќе се одржи промоција на зборникот „Бугарската драма и театар во Македонија“, со трудови од научен симпозиум Крива Паланка 2016 и промоција на зборник на „Германската драма и театар во Македонија“ со трудови од научен симпозиум Куманово 2016 година.

Вечерва на сцената во НУ Центар за култура настапува општински народен театар „Невена Коканова“ од Дупница, Република Бугарија со претставата „Ама, тоа семејство“, додека утре, како придружна манифестација, ќе се одржи промоција на книгата поезија „Истиот“, на Симон Грабовац.

Програма на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ 2017