Соработка за здрава животна средина

Oпштините Крива Паланка и Ранковце во рамките на програмата на УНДП  „Меѓуопштинска соработка за подобра испорака на услуги и пристап кон ЕУ“ ќе го имплементираат проектот „Меѓуопштинска соработка за унапредување на животната средина“.  

Проектот опфаќа испорака на услуги помеѓу двете партнерски општини во делот на заштитата на животната средина, опфаќајќи ги на прво место правните субјекти кои се должни да поседуваат Б-интегрирани еколошки дозволи и правните субјекти на територијата на двете општини кои согласно законската регулатива е потребно да приложат Елаборат за оценка на влијание врз животната средина.

Вкупната вредност на проектот е 694.740,00 денари, во кој износ партнерските општини учествуваат со  27,53%.

Проектот ќе се спроведува во период од 6 (шест) месеци за кој период е предвидена финансиската  поддршка од страна на УНДП, а по завршување на овој период соработката помеѓу двете партнерски општини ќе продолжи.

Договорите помеѓу градоначалниците на двете општини,  постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија и Министерството за локална самоуправа беа потпишани на 15.10.2010 година на свечена седница во просториите на Скопски Саем, на која присуствуваа градоначалниците на сите 18 општини кои што ги добија грантовите за реализирање на проектите за меѓуопштинска соработка.