Изложба по повод Денот на ослободувањето

По повод 8 Октомври – Денот на ослободувањето на Крива Паланка од фашизмот вчера во ликовниот салон при Центар за култура беше отворена изложба на современиот македонски ликовен уметник кривопаланчанецот Роберт Цветковски. Тој  се претстави со педесетина дела работени во техники масло на платно, акрил и комбинирани техники на платно и панел.

 

Оваа изложба е на дела создадени во текот на последните две години од моето активно творење. Сето тоа всушност претставува продолжение на циклусот „Порака“ со кој последен пат пред кривопаланечката публика настапив пред околу две годни, но се разбира со нешто ново кое ќе имаат можност да го видат вечерва во Центарот за култура, изјави за МИА кривопаланечкиот академски сликар и педагог, Роберт Цветковски.

Тој додаде дека „Порака“ потоа ќе имаат можност да ја проследат и љубителите на ликовната уметност од државата и странство.

Цветковски повеќе од 15-ина години ја афирмира и презентира македонската уметност и творештво во повеќе држави во Азија, Европа и Америка. Изложбата е организирана од Центар за култура од Крива Паланка, со поддршка од Министерството за култура и градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.