Започна изградба на пешачка патека во коритото на Крива Река

Општина Крива Паланка започна со активности за изградба на т.н. „Пазарска патека“ во кејот на Крива Река, на потегот од главниот влез на градскиот пазар до мостот во центарот на градот крај градскиот парк.
Се гради патека со камени плочи широка околу два метра со должина од 275 метри на главното корито на реката со средства од буџетот на општината во износ од 750.000 денари.
– Оваа патека ќе придонесе за намалување на метежот на главната градска улица кој се јавува во деновите од викендот, особено сабота, кога во градот е пазарен ден, па граѓаните за да дојдат до пазарот прават гужва и се попречува нормалното одвивање на сообраќајот на ул. „Св.Јоаким Оосоговски“. Со изградба на оваа патека тој метеж ќе се намали и ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, изјави Арсенчо Алексовски, градоначалник  на Крива Паланка.
Алексовски истакна дека „Пазарската патека“ ќе биде уште една пешачка патека во општината, втора во кејот на реката, покрај ролерско-велосипедската патека која се наоѓа на спротивната страна на Крива Река.
– Свесни сме дека бидејќи е во самото мајор-корито на Крива Река, при надоаѓање на реката патеката може да биде поплавена, но по намалување на водостојот, повторно ќе биде функционална. Во секој случај, ќе им биде од голема корист на Паланчани и ќе го разубави овој дел од градот, рече градоначалникот Алексовски.
Делот од кејот покрај патеката ќе биде хортикултурно уреден, со цвеќе и урбана опрема.

4 (Medium) 3 (Medium) 2 (Medium) 1 (Medium)

Големина на фонт
Контраст