15-ти Меморијален турнир во чест на бранителите од Крива Паланка

Во Крива Паланка, во пресрет на 7-ми мај, Денот на полицијата, нa 6 мај, со полагање цвеќе на спомен-обележјето на загинатите бранители од Општината во воениот конфликт од 2001 година и меморијален фудбалски турнир беа одбележани 15 години од нивното загинување.

На спомен-обележјето на бранителите од Крива Паланка, Момир Стојановски, Јане Јакимовски и Горан Стојановски, пред Полициската станица, почит им оддадоа семејствата на загинатите херои, општинска делегација предводена од градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, пратеничката во Собранието на РМ од Крива Паланка, Слаѓана Митовска, преставници од Посебната единица на полицијата, Македонскиот полициски синдикат, претставници на Министерството за внатрешни работи, членови на здружението „Херои на Македонија“, на Единицата зa обука и поддршка, Полициска станица за гранична контрола и граничен надзор и делегација од ОК на ВМРО-ДПМНЕ и ОО на СДСМ, Крива Паланка и останати лица од општината.

По ова, во спортската сала „Петар Поп Арсов“ се одржа меморијален турнир во мал фудбал во организација на Полициската станица од Крива Паланка и Македонскиот полициски синдикат кој традиционално, петнаесетта година по ред, се одржува во чест на бранителите.

-Прославувајќи го денот на полицијата, 7 мај, никогаш не забораваме важните денови да ги посветиме на искажување спомен и чест на бранителите кои ги положија животите за нашиот денешен мир и благосостојба-рече Ацо Антовски, помошник генерален секретар во Македонскиот полициски синдикат.

-Нашите сограѓани, херои, се пример како пожртвувано се стои на браникот на татковината, а  слободата е нивно дело, за што споменот за нив секогаш ќе го чуваме. Со денешниот турнир даваме само мал придонес кон незаборавот-истакна Раде Цветковски, претседател на Полициски синдикат при ПС од ОН, Крива Паланка.

Турнирот беше отворен со ревијален натпревар помеѓу децата на бранителите и средношколците од СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка. Освен домашните екипи од Центарот за возила, Единицата за обука и поддршка, Полициската станица за гранична контрола и граничен надзор, Царинската испостава, здружението „Гор-јан“ и Здравствениот дом „Димитар Арсов“ од Крива Паланка, учествуваа и екипи од Кратово и Свети Николе.

Прв пат беа доделени и плакети за посебен придонес и заслуги кои им беа врачени на градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски и Бранко Трајановски, командант на Единица за обука и поддршка.

[embpicasa id=”6283727423360403233″]

Големина на фонт
Контраст