Во Крива Паланка одбележан Денот на крводарителите

По повод 17 Март, Денот на крводарителството, градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, приреди свечeн прием за крводарителите од oпштината. На приемот Општинската организација на Црвен Крст додели благодарнции и значки за повеќекратни јубилејни крводарувања.
– Се вели дека човекот го има само она што го дава, а зар има нешто подрагоцено од дарувањето на сопствената крв, да знаеш дека со своето доброволно дарување и давањето дел од себе во моментот кога некому му е најпотребно ќе му дадеш животна сила, истакна во обраќањето пред присутните Жаклина Цветковска, претседател на ОО Црвен Крст, Крива Паланка.
Градоначалникот Алексовски нагласи дека чест и привилегија е да се биде во друштво на најхуманите жители на општината.
– Важно за нас како општина е што крводарителството од година во година е се позастапено, покажува забележителен прогрес, секоја година се натфрла годишнито план на предвидени крводарувања, а посакувам оваа година да се достигне бројката од над 1000 дарувања, рече Алексовски.
Благодарница за несебична подршка и организација на крводарителски акции беше доделена за Полициската станица од општа надлежност, Крива Паланка, за најдобар крводарител е прогласен Моме Илиевски, најперспективен млад крводарител е Елеонора Димитровска.
Благодарници и значки добија педесетина крводарители кои во 2015 година оставариле јубилејни крводарувања. Меѓу нив, е и претседателот на комисијата за крводарителство, Свете Милановски, кој остварил 75 крводарувања.