Општина Крива Паланка ги одреди парцелите за „Купи куќа за млади“

Локалната самоуправа на општина Крива Паланка гo одреди земјиштето со парцели за проектот „Купи куќа за млади“ следејќи ги препораките усвоени на третата седница на Владата на Република Македонија одржана на 26 јануари годинава.
Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, информираше дека веќе е утврдена местоположбата и локацијата на парцелите.
-По увидот во генералниот урбанистички план утврдено е дека општината во ДУП-овите нема градежни парцели за индвивидуално домување, по што е одредена парцела , градежно земјиште во сопственост на РМ со вкупна површина од 78,37 хектари која ќе биде поделена на два дела 1-В со површина од 29,78 хектари и 1-Г 48,59 хектари. Локалитетот се наоѓа на десната страна на градот по течението на Kрива Река каде минуваат трасата на железничката пруга и автопатот од коридор 8, како и магистралниот цевковод од гасоводот-изјави Алексовски.
Тој дополни дека парцелитe ќе бидат поврзани со заедничка инфраструктура.
-Ќе се изградат улици за поврзување, водовод, канализација и останата неопходна инфраструктура, земјиштето ќе биде со намена А1-домување во стамбени куќи, а Oпштината побара од Министерството за транспорт и врски во Годишната програма да предвиди финансии за ивготвување Детален урбанистички план за оваа локација во Крива Паланка-рече Алексовски.
Напомена дека парцелата е голема и може да вклучи речиси 500 парцели до околу 350 метри квадратни, а реонот е , рече, своевиден „сончев град“ во Крива Паланка, кој според него, ќе прерасне во убава и модерна населба , нова населба во мeсноста „Златина падина“.
На Владината седница одржана на 26.01.2016 беше препорачано единиците на локалната самоуправа да отпочнат постапка за планирање на просторот и да обезбедат градежно земјиште од најмалку 100 градежни парцели за изградба на објекти со намена за индивидуално домување во стамбени куќи за кои младите брачни парови до 35-годишна возраст ќе можат да аплицираат во рамки на проектот „Купи куќа за млади“ .
Од неодамна детални информации за проектот Паланчани можат да добијат и во Одделението на Управата за имотно-правни работи во општината.

Големина на фонт
Контраст