Општината прифати 80 предлози на граѓаните во буџетот за 2016 година

Од вкупно 136 предлози на граѓаните, што произлегоа од буџетскиот форум, општина Крива Паланка прифати 80 предлози кои станаа дел од програмите на Буџетот за 2016 година. Овие граѓански предлози, како приоритети за развој за идната година, се оценети како реални и потребни за локалната заедница во подобрувањето на квалитетот на животот на населението.
Резултатите од буџетскиот форумски процес ги презентираше градоначалникот Арсенчо Алексовски, кој истакна дека општината по минатогодишниот пример кога со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка беше изготвен граѓански буџет за 2015 година, годинава спроведе самостоен буџетски форум за креирање на буџетските програми за 2016 година.
-Иако имаме и други форми на претставување на граѓански идеи, сепак буџетскиот форум како модел на демократско учество на граѓаните при донесуваето на одлуки на локално ниво, се покажа како најмасовен и најпродуктивен. Граѓаните даваат предлози за решавање на нивните проблеми и ги претставуваат своите потреби, а ние како општина се трудиме се она што е во рамките на нашите можности да го вкомпонираме во буџетот, потенцираше Алексовски.
Во своето излагање тој посочи дека, покрај прифатените 80 предлози, од останатите- 21 предлог не е влезен во буџетот, за 15 е неизвесна реализацијата, 14 не се во надлежност на општината, а по три предлози се во тек на реализација или веќе се реализирани.

 SAM_0877 (Medium) SAM_0868 (Medium) SAM_0878 (Medium) SAM_0874 (Medium)