Се одржа манифестацијата „Кривопаланечка еко храна 2015“

Во сабота, 21.11.2015 година  на централниот градски плоштад  во Крива Паланка се одржа манифестацијата „КРИВОПАЛАНЕЧКА ЕКО ХРАНА“. На плоштадот беа поставени штандови со компир произведен во Осоговието, а беа изложени слатки и солени специјалитети од компир изработени од вредните паланечки домаќинки .

 – Годинашната манифестација ја збогативме со здрава храна приготвена на традиционален начин и на наше задоволство имаме масовен одзив од паланчани. Се претставија бројни угостители од Крива Паланка, пезионерките од градот, членките на клубот „Достоинствен живот“ при општинската организација Црвен Крст од Крива Паланка и останати учесници. Дечињата пак, од основните училишта и предучилишната установа „Детелинка“ приготвија интересни изработки со есенски мотиви од компир и есенски лисја-ијави Весна Чурчиќ-Величковска, иницијатор за основање на манифестацијата.
Организатор е општина Крива Паланка, која обезбеди награди за најумешните и најбрзите во лупење компир, за најтежок компир кој тежеше 1.200 грама, награден беше и сопственикот кој изложи цвекло со тежина од 1.400 грама, а се одржаа и забавни натпревари за помладите.
– Посетителите  ги дегустираа разновидните јадења подготвени од компир, направени од вештите раце на домаќинките,  слушнаа за благотворните дејства на компирот, неговото користење како лек и кулинарски трикови за приготвување јадења од компир, а манифестацијата уште еднаш покажа дека нашиот град има со што да се пофали и гордее на полето на здрава – еко храна, покрај компирот, додаде Чурчиќ-Величковска.