Oпштината ги презентираше резултатите од буџетскиот форумски процес

Општина Крива Палнка ги презентираше постигнатите резултати од буџетскиот форумски процес на шестата (последователна) форумска сесија, што се одржа на 20 октомври, во присуство на 70 граѓани. На оваа сесија градоначалникот Арсенчо Алексовски и општинската администрација дадоа отчет за спроведените форумски одлуки, односно за граѓанските предлози, приоритетни проекти и препораки,што беа тема на дискусија при изготвувањето на општинскиот буџет за 2015 година.

Градоначалникот Алексовски истакна дека општината ги  почитувала  граѓанските предлози како приоритетни потреби на локалната заедница и дека настојувала што поголем дел од нив да бидат вклучени во буџетските програми и да се реализираат. Притоа, напомена дека голем број од предложените проекти се релизирани или се во фаза на реализација, но и дека општината успеала да обезбеди средства во буџетот и за други значајни проекти што имаат бенефит за пошироката заедница. Од 30-те приоритетни проекти, пак, општината целосно реализирала 15, 10 се во фаза на реализација, 2 се делумно реализирани, а 3 се уште не се реализирани.

Раководителот на Одделението за финансиски прашања, Татјана Ѓоргиевска, информираше за реализацијата на општинскиот буџет за 2015 година, со пресек до 30 септември 2015 година. Таа подвлече дека реализираните приходи на општината  до овој период, во согласност со пропишаната економска класификација, изнесуваат 206.515.439 денари. Од планираните расходи за 2015 година, пак, во висина од 406.175.960 денари, како што рече Георѓиевска, до 30 септември реализирани се вкупно  281.627.882 денари.

Од страна на општинскиот координатор Лидија Мтовска граѓаните беа запознаени за текот на реализација на дадените препораки на форумскиот процес. Констатирано е дека од вкупно 82 препораки на граѓаните (вклучени и невклучени во програмите), 45 станале дел од општинскиот буџет за 2015 година.

На крајот на сесијата, градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, уште еднаш им се заблагодари на граѓаните за нивниот придонес во изготвувањето на буџетот за 2015 година и изјави дека форумскиот модел ќе биде користен и во иднина. Тој наведе дека во месец ноември општината самостојно ќе спроведе форумски процес, со предвидени две форумски сесии, за креираење на буџетот на општината за 2016 година и ги повика граѓаните повторно да земат учество во изготвувањето  на буџетските програми.