Кривопаланчани го прославија големиот верски празник Бадник на градскиот плоштад

Ноќта пред Христовото раѓање – Божиќ, кривопаланчани го прославија големиот верски празник Бадник на градскиот плоштад. Со палење на коледарскиот оган се славеше љубовта, радоста и мирот меѓу луѓето со добра волја.

Бадниковиот поздрав во рамки на црковните свечености на кривопаланчани им го пренесе архирејскиот намесник, протереј ставрофор Добрислав Бошковски, а на граѓаните им се обрати градоначалникот г.Арсенчо Алексовски посакувајќи им добро здравје, среќа и бериќет по повод Божиќните празници. Градоначалникот Алексовски и овогодишниот кум Славчо Дејанов го запалија бадниковиот оган, а потоа сите граѓани прославија со славска посна трпеза и топла ракија.
И оваа година традиционално се делеа лепчиња за избор на новиот кум. Најсреќен беше Бобан Стојановски, кај кого, од повеќето пријавени, се падна паричката.