Се одржа манифестацијата „Паланечка компиријада 2014“

Во сабота на градскиот плоштад во Крива Паланка по вторпат се одржа манифестацијата  „Паланечка компиријада 2014“.  Манифестацијата ја отвори градоначалникот г.Арсенчо Алексовски, по што следуваше осветување со желба за поубав род од страна на свештени лица при МПЦ-Крива Паланка.

[embpicasa id=”6079995392746906817″]

– Осоговскиот компир е меѓу највкусните и најбараните во земјава, еден од препознатливите брендови на Крива Паланка и со оваа манифестација сакаме уште повеќе да го афирмираме и достојно да ги презентираме неговите квалитети, истакна градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.

На градскиот плоштад беа поставени штандови со компир произведен во Осоговието, беа изложени специјалитети од компир, се читаа текстови за компирот како амбасадор на Крива Паланка и се одржаа натпревари во брзо лупење компир и лупење најдолга лушпа од компир.

Посетителите имаа можност да ги дегустираат разновидните јадења подготвени од компир со посебна декорација, направени од вештите раце на домаќинките и да слушнат за благотворните дејства на компирот, неговото користење како лек и кулинарски трикови за приготвување јадења од компир.

Иницијатор за востановување на „Паланечка компиријада“ е паланчанката Весна Чурчиќ-Величковска која се погрижи за интегрирање на што поинтересни содржини, а ја изработи и маскотата „Паланечко компирче“.

Манифестацијата која се организира под покровителство на општина Крива Паланка, во соработка со Градскиот музеј, беше проследена со богата културно- уметничка програма.

Големина на фонт
Контраст