Свечено одбележана визната либерализација

Стартот на визната либерализација за Македонија, свечено беше одбележан од Општина Крива Паланка, на 19 декември, со пригодна културна манифестација во Центарот за култура. Паѓањето на шенгенсиот ѕид и ставањето на Македонија на белата шенгенска листа од страна на Европската Унија, е од огромно значење и за нашата општина, која е најблискиот град до земјите-членки на големото европско семејство. Со укинувањето на визите се очекува Крива Паланка и нејзините граѓани да ги интензивираат непречените контакти со соседните земји и другите европски држави, а истовремено се отвараат и големи можности за забрзан локален и регионален развој.

Интензивирањето на економската, социјалната и секаков друг вид соработка со соседите и другите европски земји ќе биде наша цел врз која ќе ја градиме иднината. Слободниот проток на патници и стоки ќе го искористиме за нови проекти и трансгранични продукти, кои ќе донесат просперитет, а транзитниот сообраќај ќе ни овозможи максимално да ги употребиме своите туристички капацитети во развојот на општината.Тоа ќе го направиме  заеднички со нашите пријатели од Дупница и Ќустендил од кои ја имаме подршката и со заедничкли напори ќе работиме на унапредувањето на регионот, истакна градоначалникот на Крива Паланка , Арсенчо Алексовски, во своето обраќање пред кривопаланечката јавност, по повод безвизниот режим.
На прославата во Центарот за култура учествуваа КУД „8-Ми Октомври“ и КУД „Карпош“ од Крива Паланка, Староградското друштво „Распени паланчани“, Дувачкиот оркестар од Општина Ќустендил и Фолклорниот ансамбл „Зора“ и брејк групата „Денс машиин“ од Општина Дупница.

Во чест на визната либерализација се одржаа и повеќе спортски натпревари, а учениците од ОУ „Јоаким Крчовски“, ОУ „Илинден“ и СОУ „Ѓорче Петров“ приредија изложба на литературни и ликовни творби во Центарот за култура.
Свеченоста на 19 декември заврши со огромен огномет пред зградата на Општината.