Одржана работилница „Оживувајќи ги старите занаети“ во Дупница, Р.Бугарија

Работилница под наслов „Оживувајќи ги старите занаети“ се одржа во рамките на проектот „Културно Наследство – Мост кон Заедничка Иднина“, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка. Проектот се имплементира во соработка со Општина Дупница како водечки партнер.

Десет гимназијалци СОУ Ѓорче Петров од Крива Паланка под раководтво на професорите Роберт Цветковски и Ангелчо Ристовски, во периодот од 10.01.2013 до 14.01.2013 година, во рамките на работилницата ги изучуваа тајните на традиционалните занаети во градот Дупница, Република Бугарија. Работилницата се реализираше во два дела: првиот дел се состоеше од теоретска настава за традиционалните знанаети додека вториот дел беше практична работа. Се изучуваше изработката на народни носии, маски, украси (накит) и кукли.

Во проектот како предавачи и обучувачи се вклучени три занаетчии-специјалисти од регионот: Еленка Славова (национални носии и маски), Теодора Србинска (арт кукли) и Бојана Пешева (украси-накит).

По завршувањето на обуката, во општина Дупница свечено ќе се отвори изложба на која ќе бидат презентирани изработените носии, маски, украси и кукли. Изложбата ќе биде отворена на 18 јануари во арт галеријата „Околиска куќа“ на која ќе присуствуваат и претставници на општините Дупница и Крива Паланка. Покрај изложбата, во проектот е предвидено да се изработи и промотивен видео запис за работилницата како и книга „Водич за занаети“.