Одбележан Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби

По повод 3 Декември,  Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, градоначалникот Борјанчо Мицевски ги посети штитениците од Дневниот центар, кој работи во рамки на ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Крива Паланка.

Градоначалникот Мицевски им го честита денешниот ден на вработените и на штитениците од Дневниот центар и во име на општината им го врачи овогодинешниот подарок, кој беше во согласност со нивните   барања и потребите кои ги имаат.

-Не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите. Тоа треба да го правиме секој ден и тоа да претставува дел од нашето секојдневно однесување и дел од општествените вредности на сите чинители во државата. Овие лица најмногу бараат внимание, грижа, еднаквост и самостојно живеење и функционирање во заедницата и општеството, затоа ние како локална самоправа, низ најразлични активности, постојано се трудиме да ја интензивираме соработката и со здруженија на граѓани и хуманитарни организации, кои работат токму на надминување на проблемите со кои се среќават овие луѓе, изјави градоначалникот Мицевски.

Раководителката на Дневниот центар се заблагодари за континуираната поддршка од страна на локалната самоурава и несебичното залагање за подобрување на условите за работа во центарот на градоначалникот  Мицевски, за неговата хуманост и емпатија кон овие лица.

Со искрени насмевки и топли прегратки, штениците се заблагодарија за внимението и подароците, а со игра, песна и дружба го одбележаа Денот на лицата со посебни потреби.