Андреј Јакимовски одликуван со Осмооктомвриско признание за особени заслуги во афирмацијата и развојот на родниот град

Признание за особени постигнувања и придонес за развој и афирмација на општина Крива Паланка за 2019 година му беше доделена на младиот кошаркар Андреј Јакимовски од Крива Паланка за посебни заслуги во промоција, афирмација и достојно претставување на општината и дражавата надвор од границите на РС Македонија и ширум Европа, во областа на спортот.

Наградата во отсуство на Андреј Јакимовски, ја прими неговиот татко Орце Јакимовски, на Свечената академија по повод Денот на ослободувањето.

Андреј Јакимовски е во најдобрата европска петорка за кошаркари до 18 години, најдобар стрелец и трет најдобар скокач и лидер на тимот на Европското првенство  во Романија 2019. Минатата година најдобар стрелец и најдобар скокач на „Некс генерејшн“ турнирот, како играч на Милано од Италија. На Европското првенство 2018 во Скопје, повторно најдобар стрелец, но и најмлад играч на Македонската кошаркарска репрезентација. Нашиот млад талентиран кривопаланчанин за само 10 години се вивна на врвот на кошаркарската елита.

Почна овде, во КК „Крива Паланка“ на 7-годишна возраст. Учествуваше на  националните младински првенства со две генерации повозрасни играчи од него. Се истакнува како најдобар репрезентативец, а со КК „Феникс 2010“ од Скопје ја продолжува се поуспешната кариера во европските кошаркарски лиги, повторно како најдобар стрелец и најкорисен играч.

За него пишуваат медиумите, го бараат менаџерите, а тој со леснотија ја освојува Европа и не прави горди. Моментално, како најмлад играч во силна сениорска екипа, ги брани боите на сениорскиот тим на „Торино 2“ од Италија.