Делегација од Витина во посета на Крива Паланка

Делегација од косовската општина Витина предводена од градоначалникот Сокол Халити оствари работна посета на општина Крива Паланка.

Двете општини се партнери во имплементацијата на проектот за изградба и реконструкција на инфраструктура, насловен како ,,Туризам без граници“ кој е во прилог на развој и промоција на туризмот во регионот, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка на ЕУ, помеѓу Северна Македонија и Косово.

Проектот  „Туризам без граници“, е со вкупен буџет од 195.510,60 евра, од кои околу поливина се искористени за реализација на проектните активности на територијата на општина Крива Паланка.

Со овој проект  е предвидена и се реализираше изградба  на пешачки патеки во двете општини, како и низа на други неинвестициски активности, кој освен што придонесуваат за унапредување на туризамот и туристичката понуда во двете општини,  треба и да дадат придонес за интензивирање и продлабочување на соработката, како на локално ниво, така и помеѓу двете соседни држави, и градење на заедничка европска иднина, што всушност претставува и основна цел на ИПА програмата на ЕУ.

-Особена чест ми е што сум домаќин на мојот колега Халити, со кој во оваа прилика разговаравме за тековните активности од проектот што се реализира со прекуграничната програма на ЕУ, разговаравме и за тоа кои се нашите области на интерес во текот на наредниот период. Проектните тимови од двете страни веќе разговараа на оваа тема и ги договорија конкретните насоки и детали и се надеваме дека за сегашниот повик преку ИПА програмата на ЕУ за прекугранична соработка за РС Македонија и Косово, чиј рок за поднесување на предлог концепти трае до 20 мај, ќе успееме заеднички да изготвиме квалитетна предлог апликација.

Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на целокупниот работен тим од општина Витина, на градоначалникот и на претставниците на неговата администрација за досегашната беспрекорна соработка и односот кој што го изградиваме и се надевам во оваа насока ќе продолжиме да градиме просперитетни локални заедници, за општо добро на граѓаните, изјави градоначалникот Мицевски.

Градоначалникот на Витина се заблагодари за гостопримството на домаќинот и рече дека соработката помеѓу Косово и Северна Македонија е започната со соработката на Куманово со Гњилане, а проширена на Крива Паланка и Витина, што е одлична перспектива за двете држави и граѓаните од овие локални заедници.

– Ова е моја втора посета на општина Крива Паланка, среќен сум што наидов на срдечен прием, се радувам на одличната работа која ја спроведовме во рамките на овој проект,  и им честитам на администрацијата и проектните тимови.  Сега сум сигурен дека ќе ја продлабочуваме воспоставената прекугранична соработка и се надевам, двете општини ќе продолжат да прават нови успешни проекти и во иднина, рече градоначалникот Халити.

Градоначалникот Халити упати честитки за новоизбраниот претседател на државата и посака успех на патот кон ЕУ,  а градоначалникот Мицевски додаде дека овие две држави се најдобри позитивни примери, како од едно нестабилно подрачје во регионот, прераснуваат во земји со стабилна европска иднина.

Во рамки на посетата се реализираше и работен состанок помеѓу двата тима за имплементација на проектот од општина Крива Паланка и оптишна Витина.

Делегацијата од општина Витина имаше можност да ги види и историските и етнолошките поставки во ЛУ Градски музеј од Крива Паланка, како и да изврши увид на терен, на пешачко-рекреативната патека, која се изгради во рамки на проектот, на локалитетот ,,Стара вада” со вкупна должина од 860 м. и просечна ширина од 1,5 м.

Проектот кој ќе биде аплициран со новиот повик од ИПА програмата за прекугранична соработка, предвидува продолжување на изградената пешачко-рекреативна патека и нејзино надополнување со атрактивни туристички содржини.