Маратонецот Красимир Георгиев пристигна во Крива Паланка

Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски денес го пречека бугарскиот маратонец Красимир Георгиев, кој го трча овој ултрамаратон по Коридорот – 8.

Крива Паланка како општина низ која поминува Коридорот 8 се вклучи во оваа иницијатива и маратонски подвиг на Красимир Георгиев и по тој повод ги повика сите љубители на оваа спортска дисциплина и на спортот воопшто, да го поздрават и поддржат овој несекојдневен спортски настан и активно да се вклучат во трчањето со маратонецот Георгиев.

Мотото на ултра-маратонот е „Поврзување” и истиот е под покровителство на премиерите на Бугарија, Бојко Борисов, на Северна Македонија, Зоран Заев и на Албанија, Еди Рама, и има цел да ја промовира важноста на проектот за транспорт низ Коридорот 8 и добрососедската политика на овие лидери.

„Голема чест и задоволство е да се поздрави овој голем потег на маратонецот Красимир Георгиев, кој на ваков начин реши да го промовира Коридорот-8. Ова е иницијатива за поздравување и искрено се надевам дека добрите временски услови ќе ве следат до крајот на вашиот план за да успеете во вашите намери.

Ние како оптштина го следиме трендот што Владта на РС Македонија  го спроведува во насока на зголемување на инвестициите во изградбата на патната инфраструктура, за што зборуваат актуелните проекти на кои интензивно се работи, изградбата на експресниот пат од Крива Паланка до Ранковце, исто така се активира и втората траса на желазничката пруга од Бељаковце до Крива Паланка, како и рехабилитација на постоечкиот патен правец од Ранковце до Крива Паланка и изградба на трета лента од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Сето ова што заеднички го правиме со Владата е во насока на подобрување на патната инфраструктура и полесното поврзување со соседна Бугарија, подобривање на социоекомската состојба и бизнис климата, како и промоција на самиот регион и Коридорот- 8.“ –  изјави градоначалникот Мицевски на средбата со Красимир и младите спортисти кои се прилучија во овој несекојдневен спортски настан.

Градоначалникот Мицевски, во свое лично име и во името на младите учесници кои се придружија во маратонот, му посака добар пат и уште подобра енергија на маратонецот Красимир и воедно му посака добро здравје и уште многу вакви подвизи и успеси во животот.

Красимир Георгиев пред кривопланчани изјави дека основна цел е, со овој маратон да се подобри обединувањето на  луѓето од Бугарија, Македонија и Албанија, бидејќи со добра комуникација и желба, се е достижно.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка како град низ кој поминува ултра маратонот низ Коридорот 8,  потпиша Декларација за поддршка на иницијативата на маратонецот Красимир Георгиев. Oваа Декларација ќе ја потпишат и премиерите на Бугарија, Бојко Борисов, на Северна Македонија, Зоран Заев и на Албанија, Еди Рама.

Трасата по која трча Красимир Георгиев е балканскиот Коридор 8 кој е во должина од 1000 километри и ги сврзува Црното со Јадранското Море. Проектот се нарекува „Поврзување“ бидејќи целта на овој ултрамаратон да се подигне свеста кај локалните власти во Бугарија, Македонија и Албанија за потребата на развој на овој патен правец со цел олеснување на патувањето на луѓето што живеат на овие простори.