Успешно спроведена и третата реонска еколошка акција „Општина без смет за поубав свет“

Општина Крива Паланка продолжи  со големата еколошка акција „Општина без смет за поубав свет“ во реоните на населбите Бадлак, Бавчалак, како и во реонот на  станбени згради и „Стара чаршија“  и околината на Центарот за социјални работи.

Во овие реонски акции се вклучија  над 150 учесници од кои поголем дел го собираа отпадот на определени локации,  а еден дел спроведе и пошумување  во реонот на населбата Бадлак. Во акцијата се вклучија вработени од Локалната самоуправа, ЈП „Комуналец“,  ЈП „Македонски шуми“, Здружението на пензионери, Планинарското друштво „Руен“, Здружението „Паланечки акцијаши“,  доброволни еколошки тимови од основното училиште „Јоаким Крчовски“, заедници на станари и голем број на поединци.

Во акцијата се чистеа дворните површини на станбените згради, дворните површини на институци, уредени и неуредени површини, зелени површини, игралишта, речните корита и долови и површини пред индивидуални станбени објекти во рамки на реоните.

Вкупно во оваа трета реонска акција се соберени над 50 м3 на разновиден отпад кој е транспортиран и депониран на комуналната депонија.

Истовремено во оваа акција  е извршено пошумување  на површина од  8 декари со  2000  садници од бел и црн бор.

Четвртата реонска акција ќе се реализира во недела на 14 април во реонот на  населбите Белево и Грамаѓе.

           

 

Големина на фонт
Контраст