ЈП „Комуналец” од Крива Паланка набави две возила за смет

Возниот парк на јавното претпријатие Комуналец од Крива Паланка од денес е надополнет со две современи возила за собирање смет, едното ново, другото половно. Возилата се набавени со сопствени средства од буџетот на претпријатието, со средства во висина од околу осумдесет илјади евра.

-Со набавката на овие возила, значително ќе се подигне квалитетот во извршувањето на работните обврски, собирањето на сметот и комуналната хигиена во градот и населените места, ќе се подобри техничаката опременост и модернизација на возниот парк и опремата и ќе се придонесе за поефикасно работење на претпријатието, изјави директорот на претпријатието Миле Марковски.

Градоначалникот Мицевски, рече дека со денешните, две, за еден месец се набавени вкупно пет возила за потребите на „Комуналец”, што не е направено во изминатите триесет години.

– Покрај двете возила за смет, половно и ново, набавени со сопствени средства, се очекува наскоро да биде набавено уште едно ново, со донација од Амбасадата на Јапонија, со средства од Светска банка преку Министерството за финансии ќе се набави ровокопач што општината и ЈП Комуналец ќе го користат заедно со Ранковце и Кратово, а наскоро ќе се реализира и набавка на половно возило комбе-форд. Покрај тоа од фирмата од која се купени овие две возила добивме на користење и пет специјални контејнери- садови за селекција на стаклена амбалажа-отпад, како и триесет корпи за селекција на отпад кои ќе бидат бидат дадени на користење на фирми и правни субјекти, изјави Мицевски.

Набавката е извршена од фирмата добавувач „Еко – клуб“,  Битола.

-Половното возило е марка Нисан, со капацитет од 4,5 метри кубни, додека новото е произведено во Турција, со капацитет за смет 8 метри кубни, со Еуро дизел 6 стандард, најсовремено возило кое се користи во Европа, со сензори и безбедносна камера за евентуални проблеми, изјави Владо Петкоски, комерцијален директор на „Еко-клуб”.

Градоначалникот Мицевски во оваа прилика ја најави големата еко-акција која ќе започне од 24 март и ќе се реализира во наредните три месеци. Активностите на акцијата се испланирани и координирани од општинските стручни  служби, а по повод Денот на пролетта, 21 март.

Во оваа голема акција, ќе бидат опфатени локалните установи и образовни институции и голем број на граѓани, кои преку волонтрски акции ќе бидат вклучени во расчистувањето на градот и оклината.

Се надевам дека со оваа техничка опременост и со активностите, што како локална самоуправа ги правиме, ќе допринесеме во креирање на локалната еколошка свест и подобрување на генералната слика на убава и почиста Крива Паланка, порача  градоначалникот Мицевски.

Фирмата ангажирана за набавка на возилата за смет донираше и шест светлечки тела за осветлување на „Шанин мост” во центарот на Крива Паланка.