Проектот „Цело е кога има се“ успешно се имплементира во Крива Паланка

Проектот „Цело е кога има се“,  произлезен од Програмата  „Oпштинско корисна работа за 2018 година“  која е подржана од УНДП -Програма за развој при ОН,  МТСП,   АВРМ   и Општина Крива Паланка,  успешно се спроведува во изминатите месеци на подрачјето на општината.

Во проектот се ангажирани – негователи на стари и изнемоштени лица, образовни асистенти за лица со попреченост ,  масери- лица со оштетен вид и еден дипломиран социјален работник.

-Оваа мултисегментарна и сеопфатна програма за првпат вклучи ваков профил на сите три типа лица, млади-невработени лица активни баратели на работа, во разновидни активности со различни квалификации, со кои се направи комплетна инклузија и на корисниците од проектот и на давателите на услуги, истакна координаторот на проектот, Елена Христовска, од Одделението за локален економски развој при општина Крива Паланка.

Со проектот во основно и средно образование во градот се вклучени седум образовни асистенти за деца со пречки во развојот кои се дел од редовниот процес на образование.

Асистентите се присутни за време на часовите со учениците со попреченост,  им помагаат  во изработка на нивните училишни и домашни задачи, ги охрабруваат да се трудат да постигнат што повеќе во наставата,  ги дополнуваат наставниците и професорите кои што треба да работат со овие деца. Овие асистенти ќе бидат вклучени девет месеци, а отпочнаа со почетокот на учебната 2018/2019 година. Иако се ангажирани со скратено работно време по 4 часа дневно, нивниот придонес е повеќе од очигледен, децата се привикнаа на нивната помош, но и дружење, внимание и љубов, што е полн погодок за охрабрување на лицата со попреченост и нивното комплетно вклучување во секојдневието.

Според психологот во ООУ  „Илинден”, Снежана Јакимовска, асистентите се помош и поддршка и на децата – корисници, и на семејствата, но и на службата психолог, бидејќи многу се работи и е важно психолошки да бидат спремни и наставниците од одделенска и предметна настава за вклучување на сите лица со попреченост во редовната настава, понатаму и на родителите, семејството во целост, па и на сите вклучени, а асистентите ги надополнуваат сите тие неопходни сегменти и носат промени, видливи во заедницата.

– Образовните асистенти се одлично прифатени, се поврзаа со децата, а децата пак,се приврзана со нив. Некои од децата имаат умерени попречености, некои различни дијагнози, од аутизам, до дислексија, а сите, буквално сите, покажаа позитивни резултати, од почетокот до денес. Некои од нив не сакаат да одат на настава доколку тој ден асистентот не е присутен, што покажува колку се искрени во срцата, дека секое дете, а и секој човек сака подадена рака, мал чекор за исчекор, мала помош, за голема радост, рече Јакимовска.

Исто така со проектот е ангажиран и социјален работник во Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост со доплонителни активности од 4 часа дневно.

Јулијана Јакимовска е социјалниот работник кој веќе шест месеци се дружи и работи со корисниците од центарот. Таа потенцира дека првите денови и било тешко, можеби повеќе нејзе, отколку на корисниците, зашто, вели, оддеднаш се среќаваш со различни генерации лица, со различни попречености, а сите, со една единствена желба, да им се пружи внимание и да им се подаде рака на поддршка.

– Работиме музико-терапија, свириме, пееме, играме, физички ги ангажирам лицата, во склоп на центарот, правиме креативни работилници, разговараме. Се навикнавме едни на други, ги засакав сите на свој начин, посебни се, многу искрени, среќна сум што им внесовме ведрина и промена во секојдневието благодарение на проектот. Задоволство е да се работи ваква благородна работа иако ова ми беше прво искуство од ваков тип, рече Јулијана.

Она што е специфично и несекојдневно во проектот е вклученоста на физиотерапевт-масер за стари лица на кои им е потребна релаксирачка масажа, лице со оштетен вид.

Игор Ѓоргиевски, лице со целосно  оштетен вид, беше ангажиран како масер- физиотерапевт благодарение на сертификатот со кој се стекнал преку обука преку АВРМ во 2016 година.

– Во згрижувачкото семејство во кое престојував чичко Коста ми помогна да го научам материјалот, ми ги читаше и снимаше лекциите, научив и полагав теорија, бев на пракса во геријатрија, минав четиримесечна едукација и обука во училиштето за слепи и слабовидни во Скопје, по што положив за масер- физиотерапевт. Поминав обука и за негователи и многу ми значи што можам да бидам корисен за себе, финансиски, а и за другите. Многу сум среќен за можноста која ми се пружи и би сакал повторно да работам, не само на проект, туку и постојано. Одлично се снаоѓам во просторот, набавивме со чичко Коста и монтажен стол за масажа, така што, спремен сум да давам услуги во доменот на физиотерапевт- масер, рече Ѓоргиевски.

Скепса постоела кај дел од корисниците, но, вели координаторката Христовска, истата исчезнала по првата масажа, зашто одлично си ја познава и врши работата.

Во проектот се вклучени и четири негователи на стари и изнемоштени лица над 62 годишна и 65 годишна возраст кои еднаш во неделата ги посетуваат лицата, што најчесто живеат во руралните средини и се сами.

Баба Љуба од селото Конопница има 85 години, а нејзините две ќерки живеат во Скопје. Сама е и вели, многу и е важно барем некој да затропа на вратата на нејзината куќа, некогаш исполнета со внуци, сега празна.

-Едвај чекам да ме посетат моите, јас ги викам- ќерки. Тие ми се единствените посетители во текот на неделата. Немам ни соседи, најблиските се на повеќе од еден километар, а мене не ме служат нозете, само можам да ги вршам домашните работи. Тие ме расположуваат, ми мерат шеќер во крв и притисок, ми носат ако немам месечна терапија лекови,  дрва ми качуваат. Многу ги засакав и сакам да може да доаѓаат почесто, вели баба Љуба.

Ангажманот на дел од лицата во проектот веќе е завршен, дел од нив продолжуваат до крајот на учебната 2018/19 година, а одговорните, согласно потребите произлезени од досегашните искуства, веќе прават подготовки за повторно аплицирање за спроведување на ист вид активности веќе од септември.

Големина на фонт
Контраст