Претставници од ГИЗ за развој преку спорт остварија средба со градоначалникот на Крива Паланка

Советничката на програмата за развој преку спорт на Германската организација за меѓународна соработка, Дина Клингман и претставници на ГИЗ, Македонија, заедно со претставници на ТАКТ и Кошаркарски клуб Крива Паланка остварија работна средба со градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, на која се разговараше за стратегијата за развој преку спорт, социјална инклузија и развој на заедницата.

Клингман допатува од Германија за директно да се запознае со теренот и состојбите во општините од Западен Балкан во кои годинава за првпат ќе се имплементираат пилот-проекти финансиски поддржани од ГИЗ со цел користење на спортот како алатка за поттикнување развој, социјална инклузија, економски развој и вклучување на маргинализираните групи во општеството.

– Среќна сум што наидов на срдечен прием во Крива Паланка, како и кај партнерите и сите вклучени во мрежата за развој на спортската платформа во градот. Програмата за развој преку спорт на Германија е со седиште во Бон, работи со поддршка и финансии од Министерството за економија и развој и со активностите кои ќе се реализираат во претстојниот период во пилот општините од Македонија, Србија, Косово и Албанија сакаме да докажеме дека спортот може многу да направи за државата, за општеството и дека може многу да придонесе за поголема вклученост во заедницата. Ова е пилот иницијатива која планираме да се проширува во иднина, бидејќи имаме одлични партнери, експерти во областа на која работат и многу важно е што сите сте вклучени, и општината, и владин и невладин сектор, што се надевам ќе вроди со добри резултати, рече Клингман.

Африм Илјази, од канцеларијата на ГИЗ Македонија, рече дека четири држави се одбрани за првично етаблирање на оваа програма, а планирано е да се вклучи и Босна и Херцеговина.

 – Најпрвин ја формиравме мрежата на соработници, се поставија начините на развивање стратегија за спорт, по што е изработена финален стратешки документ и ГИЗ ќе поддржи дел од активностите, заклучно со септември 2019, по што се надевам дека истата ќе биде стратегија која општината ќе ја одржува, изјави Илјази.

Според градоначалникот Мицевски, можноста која се нуди за општината е начин заедничките креативни и структурни активности да се вметнат во стратегијата за развој преку спорт на Крива Паланка, со што ќе продолжи унапредувањето на спортот кое отпочна и интензивно се реализира во изминатите година и пол.

 – Крива Паланка е мала општина, сочинета од 33 рурални реони, но има потенцијал, пред се човечки капацитети да се етаблира и промовира преку спортот, пред се тргнувајќи од неколкуте интернационалци спортисти во кошарка, фудбал, пинг-понг, карате, кои достојно не презентираат во спортската сфера во Европа и светот, рече Мицевски. Во таа насока, посочи, се надева ќе придонесат за поддршка и развој на нови спортски амбасадори на градот, но и развој на заедницата во целост.

Фокус на стратегијата за развој преку спорт на Крива Паланка, според Магдалена Спасовска, извршна директорка на ТАКТ, се младите, од 7 до 18 години, маргинализираните групи, но и сите млади кои можат да се вклучат во спортската преродба. Стратегијата и спортската програма ќе ја реализираат спортски тренери и работници, а ќе бидат вклучени и институциите на локално ниво, формирајќи трајни и одржливи партнерства.

Големина на фонт
Контраст