Градоначалниците од истокот и североистокот ќе формираат меѓурегионално претпријатие за управување со отпад

Осумнаесетте градоначалници од Источниот и Североисточниот плански регион и општина Свети Николе, која е дел од Вардарскиот регион, вчера во Штип едногласно одлучија да се формира меѓурегионално јавно претпријатие, кое ќе управува со современиот систем за управување со отпад, кој ќе биде лоциран во близина на светиниколското село Мечкуевци. Со оваа одлука, градоначалниците го откочија процесот за користење на 35 милиони евра што Европската унија ги дава за набавка на опрема, камиони, изградба на претоварни станици, контејнери и изградба на регионалната депонија, односно современ систем за управување со отпад.

Новото регионално јавно претпријатие ќе нуди услуги за собирање на смет на околу 300.000 граѓани од двата региони, а во следниот период тим од правници треба да го направи статутот на претпријатието.

Со реализацијата на овој капитален проект ќе имаат бенефит и граѓаните и општините кои ќе ги затворат депониите што се на ниво на ѓубришта и ќе нема загадување на животната средина. Новиот современ систем за депонирање на смет за двата региони ќе биде од затворен систем, а како што велат експертите, коишто со години работат на овој проект, ќе биде фабрика за отпад, но без големи профити.