Потпишан меморандум меѓу „ТАКТ” и Општина Крива Паланка за развој на спортот

Денес градоначалникот на општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски и извршната директорка на Здружението за унапредување и меѓусебна соработка „ТАКТ”, Магдалена Спасовска потпишаа меморандум за соработка со цел заедничка работа во областа на спортот и потребите на претстојните активности од програмата “Спорот за развој”.
– Споменатата програма за развој преку спортот е на германското министерство за надворешни работи која во регионот, Србија, Косово и Албанија  е присутна од поодамна, а за првпат ќе се имплементира и во Македонија. 
Контактите и обуките со Германското здружение за меѓународна соработка ГИЗ, канцеларија во Скопје, се спроведуваат интензивно во изминатите шест месеци, а Крива Паланка е пилот општина во која во соработка со Кошаркарскиот клуб, како докажани добри  соработници и останатите спортски работници и здруженија од градот ќе се спроведе „Спорт за социјално вклучување во заедницата”.
Во финална фаза е изработката на Стратешки план за развој на спортот за инклузија на Крива Паланка, според која со спорт ќе се опфатат ученици од ученичкиот дом во градот, од училишната популација во  руралниот дел, а истовремено ќе се вклучат и припадници на етничките заедници во општината. Со тоа, согласно европските стандарди и истражувања направени во областа на спортот ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на животот на младите, идни создавачи на општеството, ќе се унапреди и во значителен процент стопанството и останатите сегменти од општественото живеење, рече Спасовска.
Според Мицевски со оваа програма ќе се развие и унапреди спортскиот сегмент во Крива Паланка, а очекува и да се истакне развојната компонента на повеќе спортски јадра на младите во општината.
Кон крајот на месецот се очекува посета на Крива Паланка од координатор на ГИЗ од Германија, по што ќе бидат конкретно дефинирани и целите и задачите на сите инволвирани чинители што се очекува да ја создадат спортската платформа на програмата „Спорт за развој” која во следните неколку години ќе се реализира во повеќе населени места во Македонија.
Големина на фонт
Контраст