Регионална средба на пензионерските клубови во Крива Паланка

Во организација на општинската организација на Црвен крст од Крива Паланка денес се оддржа регионална средба на клубовите на пензионери од повеќе општини од соседните земји и Републиката.

Идејата за овој мал хепенинг за пензионерите од регионот и пошироко,  е во насока на проширување на соработката со пензионерските организации на општините од соседните земји, нивно меѓусебно запознавање, разменување на искуства и практики, а во насока на збогатување на квалитетот на животот, одржување на виталноста и активноста во сите сфери на општесвениот живот, како и нивен допринос во локалните заедници, изјави иницијаторот на овој настан и секретарот на ОО на Црвен крст- Крива Паланка,  Дарко Пешевски.

На оваа предновогодишна средба на клубовите на пензионери од општини од Р.Србија, Р. Бугарија и Р.Македонија предвидени се низа на активности, меѓу кои и посета на ЛУ Градски музеј, посета на манастирот ,,Св.   Јоаким Осоговски“, меѓусебни дружења и игри и дегустација на локални специјалитети, размена на искуства и сл.

Градоначалникот Борјанчо Мицевски ги посети пензионерите и им посака срдечно добредојде и пријатен престој во Крива Паланка и им упати покана за повторна средба, а воедно им ги честиташе претстојните новогодишните и Божиќни празници, посакувајќи им многу здравје и среќа во Новата 2019 година .

На организаторот, Општинската организација на Црвен крст, му упати посебна благодарност за нивниот досегашен напор во реализација на активности од хуманитарен аспект, како и за  ентузијазмот, посветеноста  и организирањето на вакви пријатни и убави настани и посебниот сензибилитет  за потребите на лицата од третото доба.

Големина на фонт
Контраст