Претставници од Светска банка на работна средба со градоначалникот Мицевски

Претставници од Светската банка вчера остварија работна средба со градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски на која се запознаа со стратешките планови, приоритетни проекти и програми за следната година, како и за претстојниот период.

Градоначалникот  ги запозна со локалните ресурси и потенцијали со кои располага општината, пред се потенцијалите за развој на туризам со чиста и здрава животна средина, богатство од традиционална храна, фолклор и култура.

 -Она на што се осврнавме се потребите на општината од вложување во инфраструктурата, патишта, водовод, канализации, искористување на локалните потенцијали и објекти кои можат да се стават во функција на локалниот развој и развој на туризмот. Дел од објектите не се во сопственост на општината, а може да се реновираат и користат за потребите на развој на планинарството, за развој на зимскиот туризам и друго. Имаме проект за ски-центар со 34 скијачки патеки на Калин Камен кој треба да се финансира, стари караули кои можат да бидат реновирани, останати потенцијали во разни области што ќе биде корисно да бидат ставени во функција на локалниот економски развој, рече градоначалникот Мицевски.

Секретарот на општина Крива Паланка ги претстави начинот на обезбедување средства за реализација на годишните програми, одредување приоритетни проекти и нивно буџетирање.

 -Од јануари се подготвува и среднорочен стратешки план за развој на општината, кој освен стратешки цели и приоритети ќе предвиди планови со програми и потпрограми, со реално утврдени активности за реализација, со индикатори за успех и оценување на истите, со цел навремено интервенирање при евентуални проблеми. Конкретно првата година ќе биде поврзана со обезбедено буџетирање, за да биде финансиски покриена, а и останатите две години ќе биде реално планиран, рече Љубомир Младенов, секретар на општината.